Пробиштип инфо

„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

СЕКОГАШ треба да се почитуваат правописните правила, особено при пишувањето, а убавината на дијалектите и нивната важност НИКОГАШ нема да згасне бидејќи тие се богатство на нашиот македонски јазик

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

СЕКОГАШ И НИКОГАШ ( НЕКОГАШ) / СЕКАТ, НИКАТ (НЕКАТ) „ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ“  

Без разлика каде сте, што правите и колку се грижите за нештата кои се случуваат околу вас, СЕКОГАШ верувајте дека има светлина на крајот на тунелот.  

НИКОГАШ не чекајте, не претпоставувајте или не се двоумете. Само правете се’ што можете, контролирајте го она што можете да го контролирате, а ПОНЕКОГАШ оставете му можност на животот да ви покаже дали сте постапиле исправно, каде сте погрешиле, колку сте ги исполниле своите желби, соништа и зададени цели и СЕКОГАШ верувајте и’ на интуицијата, бидејќи таа многу ретко греши. Кога ќе го направите она што го можете, СЕКОГАШ ќе добиете нешто: она што го сакате или пак животна лекција која ќе ве научи како да постапувате во иднина и ќе го видите следниот чекор што треба да го направите за да ја постигнете целта. 

 Животот може да биде едноставен. Само фокусирајте се на една работа: нема потреба да се направи се’ одеднаш. Дишете, живејте во сегашниот момент и направете сè што може за да напредувате во вашите соништа. Она што го вложувате во животот се враќа кај вас во уште поголема количина. ПОНЕКОГАШ посакуваниот резултат резултира со губење на луѓе кои не ве поддржуваат. 

 На овој начин вие ослободувате простор за оние кои можат да ве научат нешто ново и да ги подобрите вашите квалитети. Сакајте се себеси доволно за НИКОГАШ да не ги намалите вашите стандарди за никого.  

Ако НЕКОГАШ не можете да завршите нешто, тоа значи дека е време да започнете нешто ново. Прифатете дека од време на време треба да се соочите со неуспехот. На овој начин учите и СЕКОГАШ ќе знаете дека најсилните луѓе се оние кои искрено ги прифаќаат и неуспесите и околностите на ист начин како и успесите и победите.  

Тоа се луѓето кои се бореле во најтешките битки и успеале да ја задржат својата насмевка затоа што одлучиле да не дозволат никој НИКОГАШ да не им се меша во ништо. Толку силните луѓе преминуваат во нова фаза од нивниот живот, фаза која НЕКОГАШ мислеле дека е недостижна за нив.  

Верувајте им и на нивните солзи и на нивната насмевка затоа што СЕКОГАШ се искрени… Драги мои, посочените зборови со големи букви се дел од нашата денешна правописна авантура која се однесува на нивна правилна употреба и во зборувањето и во пишувањето.  

Значи да резимираме: Зборовите СЕКАТ, НИКАТ, НЕКАТ се зборови кои се дел од некои наши убави дијалекти, но во македонскиот јазик правописно се пишуваат: СЕКОГАШ, НИКОГАШ, НЕКОГАШ!  

И запомнете: СЕКОГАШ треба да се почитуваат правописните правила, особено при пишувањето, а убавината на дијалектите и нивната важност НИКОГАШ нема да згасне бидејќи тие се богатство на нашиот македонски јазик… Убав ден… 

Сподели на Facebook и Twitter
Категории