Пробиштип инфо

СЕДУМ – Hylotelephium spectabile 

Многу фитотерапевти и хомеопати препорачуваат во тек на вегетацијата да изедете 2-3 ливчиња во тек на денот, со што ќе си го освежите телото.  

СЕДУМ – Hylotelephium spectabile 

Пролетта веќе ни пристигна, а со тоа и зеленилото и цветовите насекаде околу нас. Шетајќи по разни делови од Пробиштип често го гледаме Седумот, како во дворовите, така и во саксии на балконите. Седумот е лековито растение, сукулент, од семејството крашули и меѓу народот може да се сретне под имињата: Дебела кокошка, Раненик, Жедник.  

Од дамнина во природната медицина се познати неговите лековити својства. Многу е лесен за одгледување, лесно се зафаќа, не мрзне и успева посаден и во градина, а и во обично лонче. Во тек на цветањето неговите цветови ги привлекуваат пчелите, бумбарите, пеперутките и претставува извор на храна за нив и за други корисни инсекти, се’ до зимата кога се повлекува во хибернација.  

Има долг период на цветање, од средина на летото па до првите мразеви. Бидејки е сукулент, се карактеризира со дебели, меснати листови со светла сивозелена боја. Во зависност од тоа каде е засаден, може да создаде жбун и до 50см во висина и ширина. Не сака многу вода, но ако е изложен цел ден на сонце пожелно е потемелно да се наводнува. Никако не го поднесува азотното ѓубриво, но нема проблем со посни почви.  

 Во народната медицина е почитуван како исклучително лековита билка, со која треба да се има и доза на претпазливост. Причината за тоа е што седумот уште научно не е истражен како на пример нането, камилицата, кантарионот… Од таа причина народните лекари почнале да го препорачуваат чајот од цветовите на седумот, чии отровни својства се покажале како многу делотворни во борба против цревни паразити уште во 16-от век. Чајот го користеле и како диуретик и лаксатив, но ако се користел во поголеми количини предизвикувал грчеви, болки во стомакот и пролив. Го намалува акутниот висок крвен притисок, но во случај на подолготрајно користење предизвикува хронично покачен крвен притисок. Познато е дека е богат со витамини, органски киселини, танини, минерали и други корисни материи. 

Многу фитотерапевти и хомеопати препорачуваат во тек на вегетацијата да изедете 2-3 ливчиња во тек на денот, со што ќе си го освежите телото.  

Во случај ако имате кокалчиња или волчјо око, неговата примена е многу едноставна. Се одстранува опната од едната страна и се положува на болното место па се преврзува  

Ефикасна е неговата примена и при третмани за чистење на организмот како и за други болести како: спортски повреди, псоријаза, чир на желудник и дванаесетпалачно црево, разни рани, акни, го намалува покачениот холестерол и друго.  

За покачени маснотии во крвта се прави третман со јогурт. Се мелат 50 гр листови седум и се мешаат со 100 мл јогурт. Вака подготвената каша се конзумира 10 дена пред појадок. Ако има потреба се прави 10 дена пауза, па пак се повторува третманот.  

Седумот може да се суши и да се користи како чај, но може и листовите да се прелијат со ракија, да отстои некое време (па дури и до следната сезона) и да се користи како облога на спортски повреди, истегнати мускули и помали рани. Може, освен како облога на памук, да се извадат прелиените листови, да се  ,, наложат“ на болното место и да се остави да делуваат во текот на ноќта.  

Силвана Пеншова

Сподели на Facebook и Twitter
Категории