Кантарион ( Hypericum perforatum ,fam.Hypericaceae)

Кантарионот се нарекува магично растение затоа што помага во подобрување и лекување на различни состојби во организмот.

     Во околината на Пробиштип широко распространета е билка која од дамнина е позната по своите лековити својства-КАНТАРИОНОТ.

Жолтиот кантарион е долгогодишно зелјесто растение, високо 30-100 сm. Има цврсто, аглесто и разгрането стебло и цветови со темножолта боја, кои што имаат 5 венечни листови, многу толчници и прашници. Листовите се спротивно положни, долгнавесто јајцевидни, голи, со светлозелена боја. Латинско име потекнува од присуството на жлезди во заднината на лисјата, коишто се полни со етерично масло и му даваат на листот перфориран, дупчест изглед. Цвета од Мај до Септември во зависност од поднебјето и се бере горната половина од билката во цвет (Hyperici herba), која што има својствен мирис и опор, горчлив и ароматичен вкус. Кантарионот расте на ливади, пасишта, како и на каменети предели.
Во надземниот дел од билката има мешани танини, од кои најмногу катехински, потоа етерно масло, смоли, антоцијани, црвена боја хиперицин, каротен и флавоноидни хетерозиди (хиперозид, рутозид, кверцитозид и други состојки од кои што потекнува жолтата боја), холин, витамин C и траги од алкалиоди. Етерното масло се состои од кадинен, и други сесквитерпени, естри на изовалеријанска киселина и малку азулен.
     Кантарионот е познат уште од стари времиња. Ценет е во народната медицина и се користи надворешно против изгореници, исеченици, кожни воспалителни процеси, хемороиди, за зараснување на рани и како антисептик, но голема примена има и за внатрешна употреба, како средство против стомачни заболувања, за подобрување на функцијата на желудникот, црниот дроб, против дијареја итн. Дејството на надземниот дел од оваа билка е повеќекратно и се должи на нејзиниот сложен хемиски состав.
Ова растение се нарекува магично затоа што помага во подобрување и лекување на различни состојби во организмот.
  Маслото од кантарион многу одамна е познато и се употребува во традиционалната медицина за третман на најразлични заболувања, што доволно зборува за неговата ефикасност. Жолтиот кантарион поседува изразено антибактериско (што се должи на присуството на фенолни соединенија), антивирусно, атсрингентно (што стега, собира, затвора), антиулцерозно дејство (против чир), холагогно (зголемува лачење на жолчката), антифлогистично (против воспаленија), стомахично (помага при стомачни заболувања). Поради овие својства, кантарионот го намалува воспалението на ткивото, го зголемува регенеративното својство на ткивото и води до негова побрза реепителизација, односно повторно создавање обвивка.
     Жолтиот кантарион, подготвен во облик на топол чај, попарок (инфуз) или пак во облик на масло, се препорачува при диспептични нарушувања во системот за варење, при улцерозни состојби на желудникот и на дванаесетпалечното црево, а помага и при менопаузални симптоми.
     Во продолжение ќе дознаете некои специфики за кантарионот кои се и научно докажани и пожелно е секој да ги знае.
1. Кантарионот има силно антидепресивно дејство , па не е препорачливо да се меша со лекови со истата намена бидејки тоа може да доведе до влошување на состојбата. Во последните неколку години многу истражувања го потврдуваат тој факт и најчесто се прпорачува негово користење ,,на своја рака,,при благи и умерени депресии. Интересно е што во однос на фармацевтските антидепресиви го има истиот ефект , со минимум несакани дејства.


2. Освен што помага при депресија, ефикасен е и во справување со стравови, осцилации во расположението, менопауза, ноќно мокрење, опсесивно-компулсивно пореметување, сезонски депресии, кои особено се застапени преку зима во недостаток на сончева енергија.


3. Кантарионот е најпознат во нашето поднебје  за лекување на различни кожни иритации, повреди, рани , посекотини, чиреви… но и за ублажување на симптомите при гастритис, чир на желудник, слабост на бубрезите, црниот дроб, слезинката и мочниот меур. Познат е и по своето антибактериско и антивирусно дејство и благодарение на својата антиинфламаторна моќ во голема мера се користи при рани и опекотини- за побрзо заздравување.


4. Се користи и при чир на желудник и дванаесопалачно црево, како и при некои пореметувања при варењето, стимулација на желудочните сокови, со што се олеснува варењето на храната. Етеричните масла од кантарионот спречуваат грчеви во стомакот, ја олеснуваат работата на цревата , спречуваат надуеност и други дигестивни тегоби. Се користи за намалување на болки при гастритис и за побрзо зараснување на рани предизвикани од чиреви.


5. Малку се знае за способноста на кантарионот во намалување на крвниот притисок и како превенција од срцеви заболувања, како и ефикасен лек за хемороиди. Меѓу народот општопознато и често подготвувано е маслото од кантарион, кое би требало да го има во секој дом. Тоа се користи за намалување на болки, реума, гихт, крварења и разни промени на кожата.
  Особено сакам да го нагласам фактот дека маслото од кантарион е фототоксично и во никој случај не треба да се нанесува на кожата пред изложување на сонце, туку потоа.
  Излезете во природа, наберете си кантарион, исушете го за чај, а и направете си лековито кантарионово масло. Апелирам до сите внимателно да го собирате надземниот дел, најдобро е да го отстранете со ножици, за догодина на истото место повторно да израсне .

Силвана Пеншова

Сподели на Facebook и Twitter