Хуманитарен проект ТВОРИ – ЧИТАЈ – БИДИ ХУМАН

Сите собрани парични средства од продажбата на книгата, како и претходните години се наменети за деца и млади од социјално загрозени семејства

Проектот ТВОРИ – ЧИТАЈ – БИДИ ХУМАН со своја реализација започнува во 2021 година и оттогаш се издадени три книги со наслови: “Снежни стихови”, “Шепотот на љубовта” и  “Песочен часовник”.

Во рамки на проектот чијашто авторка и координаторка е Софија Петковска, оваа година е одбележана со издавање на четвртата книга именува со наслов “Херој”.

На конкурсот кој беше објавен и траеше во текот на месец Февруари се вкучивме 35 автори кои обединети преку пишаниот збор даваме свој придонес кон ширење на хуманоста. Преку самостојно финансирање на печатењето на книгата “Херој”, кое се реализираше преку печатницата “Ирис – принт” од Струга, сите собрани парични средства од продажбата на книгата, како и претходните години се наменети за деца и млади од социјално загрозени семејства. Конкретно оваа година собраните парични средства се наменети за децата од дневниот едукативен центар ” Дендо Вас” од Скопје.

Секој од авторите со својата перцепција за херојството се произнесуваме во книгата низ нашите дела во форма на песни и кратки текстови.

Произнесувајќи дел од рецензијата чија авторка е Софија Петковска ќе се обидам накратко  да ви овозможам да навлезете во содржината на книгата:

” Со едноставност во изразот, богат со грижливо одбрани стилски изразни средства, овие песни и текстови ќе ве прошетаат низ лавиринтот од животот, каде шетајќи низ ходниците, пред вас, како слики на филмско платно ќе се појават безброј ситуации и ликови во кои да се биде храбар е единствената опција, а единственото име кое ти се дава е името ХЕРОЈ.

Од детето кое проси на улица, преку рударот и учителот, па се до самохраните родители и лицата со посебни потреби, ние, авторите, опфативме цела палета на ситуации и личности, им дадовме име, им напишавме песна и за нив раскажавме приказна, се со една единствена цел: да им оддадеме почит за храброста која им е ѕвезда водилка по патеката наречена живот. А тие пак, преку нивните животи, да не научат дека и покрај предизвиците, животот сепак е убав и вреди да се живее или како што вели Марк Фишер во книгата “Милионер”, : Животот е како розата. Ако стекнеш контрола над својот ум, ќе сфатиш и зошто. Боцките претставуваат пат до искуството. Сите мора да поминеме низ искушенијата и страдањата, за да ја сфатиме убавината на постоењето.

Да, токму така, повредите секогаш треба да ги претвораме во мудрост, бидејќи хероите се создадени од патот што сами го одбираат, а не од моќите со кои се благословени. Тие мудро ги бројат своите благослови, прават храбри чекори кон непознатото и имаат верба во Бога за се.”

Книгата започнува со молитва за душевен мир и спокојство кон Семоќниот Бог како НАЈГОЛЕМ ХЕРОЈ, па завршува со текстот во кој  јас Рената Максимова се јавувам како авторка. Тргнувајќи од позиција на професионално делување во областа на психологијата и образовниот контекст во него ги произнесувам своите ставови за инклузивниот процес во општествено – образовниот домен на лицата кои се соочуваат со одредени нарушувања во сопствениот развој. Претставувајќи ја нивната секојдневна борба пред предизвиците кои им ги носи опстојувањето, НИВ, но и сите други директно вклучени чинители вкучувајќи ги семејствата, воспитно – образовниот кадар  и засегнатите институции од формален и неформален карактер ги одликувам како ХЕРОИ. Потенцирајќи ја важноста од почитување на туѓите можности и овозможувањето да на еден простор опстојуваат различностите зборувам за значајноста од обликување на инклузивна кохезија која ќе се одликува со функционалност и хумани вредности.

Во редовите на автори се јавува и Билјана Петрова од Злетово, која во својата песна го претставува херојството на учителот како значајна фигура во описменувањето на детската индивидуа. Му изразува благодарност за неговиот придонес во обликувањето на сопствената личност, гледајќи го како водечка  и значајна фигура кој ги пренесува своите знаења и вредности од позиција на модел на однесување кој се надополнува на влијанието од примарната семејна заедница.

Особена чест ми претставува што моето име се споменува и во завршниот дел од рецензијата на книгата која гласи:

“И за крај, во стилот на авторката Рената Максимова и нејзиниот текст кој преку симболи не воведува во светот на инклузијата, ќе ја завршам оваа херојска рецензија, во која се надевам уживавте:  Хуманоста Е Реципроцитет кој го Одбележува гласно и Јасно секој пишан збор во оваа книга. Затоа, ВРЕДИ да се КУПИ и да се ПРОЧИТА.”

А јас на крај на ова излагање верувам дека книгата “Херој” што побрзо ќе заврши во рацете на ЧИТАТЕЛИТЕ ХЕРОИ кои ќе придонесат со своето купување  на книгата чија цена е 300 денари, кон успешно  финализирање на  завршната фаза од проектот ТВОРИ – ЧИТАЈ – БИДИ ХУМАН, односно собраните средства што побрзо да завршат кај дечињата на коишто им се најпотребни.

Авторка на текст: Рената Максимова

Сподели на Facebook и Twitter