Градењето партнерски односи е еден од клучните фактори за успех, особено во бизнисот. Поддршката која си ја даваат претприемачите нема цена, а успехот се мери во подобар квалитет, позадоволни купувачи, растење на бизнисот и на соработниците. Еден таков светол пример во македонски услови е стратешкото партнерство на ЛК Расбери, најголемиот производител на малини во Полог, со компанијата Аерус од Пробиштип. Партнерството воспоставено со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, создаде поволни услови за зголемување на производството на малини. Ова се овозможи преку разработување на синџирот за снабдување со заеднички ко-инвестиции и проширување на капацитетите, како и креирање на нови партнерства со добавувачи.
Неодамна тимот на Иновативност го посети Аерус во Пробиштип, компанија која засега има тројца кооперанти со над 2,5 хектари земјиште под малини и еден соработник со 1 хектар под капини. До крајот на годината се очекува да има околу 4 хектари родни насади, од кои следната пролет ќе може да се берат плодови. Ова е релативно нова дејност за компанијата која има долгогодишно искуство со извоз на повеќе видови диви печурки и шумски плодови на европските пазари. Во последно време, Aerus ја прошири својата мрежа на повеќе од 5.000 соработници, кои работат во три собирни центри лоцирани во различни региони на земјата.
Борче Николов, главен менаџер на компанијата, ни објасни дека производството и откупот на малината како дејност се наметнала како одговор на потребата ладилникот постојано да биде полн, поради сезонската застапеност на печурките. Тоа довело до соработката со Синиша од ЛК Расбери во 2015 година, по што во мрежата за малини влегуваат и нови кооперанти од источниот регион, но и нови култури како капини и култивирани шумски јагоди.
Како и кај ЛК Расбери, капацитетите на Аерус за ладно складирање го достигнале својот лимит. Практично дотогашниот капацитет на ладилникот на компанијата бил доволен само за печурките. По започнувањето со одгледување на малини малиот капацитет на ладилникот претставувал проблем и значително ограничување со оглед на високиот потенцијал на овие сектори и изворот на приход за соработниците кои работат во овие синџири на снабдување. Со цел да се надмине овој проблем и поддржи синџирот на снабдување на малини во Северна Македонија, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем заедно со Аерус се вклучија во коинвестиција која го проширува капацитетот на ладилникот до 50%.
„Со оваа инвестиција ќе може да одговориме на зголемениот број на кооперанти за откуп на малина, како и на големиот интерес за овој производ и на домашниот и на европските пазари. Клучнен бенефит за нас е зголемување на капацитетот со кој може да одговориме на зголеменото производство и откуп, Поголемиот капацитетне прави поинтересни за странските партнери кои верувајте бараат огромни количини од сите производи. Истовремено, нашите кооперанти се посигурни дека ќе немаат проблем со откупот и наплатата. И на крај, зголемените капацитети ќе ни овозможат посигурен и полесен извоз“, објаснува тој.
Секако постојат и големи и сериозни предизвици во водењето бизнис во денешно време. Клучните предизвици, кои ги нагласува Борче, се најавените даночни промени како и глобалните проблеми со снабдување и висока цена на струјата.
Во моментов компанијата обезбедува 30% од потребите за електрична енергија од сопствена фотоволтаична ценрала, а на новиот објект кој сега се гради ќе се инсталира уште една централа со цел потребите за електрична енергија да ги задоволува од сопствено производство до 90%.
Во насока на подобрување на ефикасноста на работењето, компанијата во соработка со фирма од Битола развива иновативна технологија за ефикасно и екномично технолошко решение за перење на печурките пред нивен натамошен третман.
Накратко сумирано, менаџментот на малата пробиштипска компанија навистина има визија како да го развива бизнисот во кој веќе има задоволително искуство, воспоставени бизнис контакти и високо ниво на професионалност. Поддршката која оваа компанија ја добива од други водечки компании во секторот како и од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем дефинитивно дава сериозен импулс кон натамошен развој и ширење на бизнисот.
Со цел да го зголеми постоечкиот капацитет за преработка, компанијата LK Raspberry делува како примарен стратешки партнер и консултант на водечката компанија Aerus во проширувањето на нивното производство во синџирот на снабдување со малини и капини, додека BEP и Aerus ги кофинансираа трошоците за потребното проширување. на објектите.
Со оглед на моменталните околности и барањата на пазарот, проширените ладилници ќе му помогнат на собирниот центар да го удвои бројот на соработници и производната површина под малини и капини.
Превземено : Иновативност.мк (оригинална приказна линк)