Најголемото комунално претпријатие во регионот „Исар“-Штип за само неколку месеци има натрупано долг за струја, од околу 600.000 евра, а голема главоболка на раководството се и старите долгови, кои достигнаа околу пет милиони евра. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајче Здравков вели дека во вакви услови немаат можност за вработување на потребниот кадар, кој е и дефицитарен.
– Долговите се трупаат најмногу за електрична енергија. Сите комунални претпријатија го имаат тој проблем. Се надевам дека ќе направиме притисок и да издејствуваме од централната власт да се најде решение за цената на струјата. Мораме некако да дејствуваме, бидејќи со вакви цени и трошоци нема да можеме нашите обврски да ги извршуваме редовно – изјави Здравков.
Забележа дека направени се спогодби за плаќање на долговите за струја на рати, но според Здравков ова решение не е долгорочно.
– Во декември лани киловат час беше пет денари, а сега е 25,26 или 27 денари. Оваа цена едноставно не зависи од јавните претпријатија, ниту пак од нас како раководители. Едноставно принудени сме по таа цена на струјата да работиме и да плаќаме високи сметки – рече Здравков.
Директорот на ЈП „Никола Карев“-Пробиштип, Драганчо Ристовски вели дека за разлика од лани, оваа година месечните сметки за струја се повисоки за 400 посто.
– Енергетската криза во нашете претпријатие се одрази многу, 400 посто е зголемена струјата. Сметката за струја лани пред покачувањето беше околу 180.000 денари, а во периодот на поскапување достигна сума од околу еден милион денари – изјави Ристовски.
Најлоша е состојбата во виничкото комунално претпријатие „Солидарност“. Директорот на ЈП „Солидарност“-Виница, Илија Јованов информира дека доцнат со исплата на платите, што се околу две третини од нивните вкупни приходи.
– Покачувањето на цената на струјата е сериозен проблем за комуналното претпријатие во Виница, ако направиме паралела за споредба, еве во март минатата година имаме фактура за струја од 330.000 денари, а март оваа година имаме 1.200.000 денари. Тоа е енормно покачување. Имавме и неколку фактури неплатени, заостанат долг и пред неколку дена направивме спогодба со ЕВН и целиот долг да го платиме шест еднакви рати и со плаќање на тековните фактури – вели Јованов.
Посочи дека сметката за струја зафаќа една четвртина од месечните приходи на претпријатието „Солидарност“. Смета дека ситуацијата не е воопшто добра, имајќи во предвид дека има и зголемување на цените на репроматеријалите, резервните делови за водоводна, канализациона мрежа, камионите, како и на нафтата. Јованов забележа дека ова се должи и на преврабротеноста, како и на ниските цени на комуналните услуги.