Првиот училишен ден во ООУ„Никола Карев“ – Пробиштип започна со веселиот џагор на учениците, многу возбудени и насмеани лица и секако училишното ѕвоно кое со нетрпение го очекуваа учениците. Најзбунети, но и највозбудени секако беа нашите првачиња, кои за прв пат седнаа во училишните клупи и се запознаа со своите наставнички. Тие беа пречекани со пригодна приредба подготвена од нивните поголеми другарчиња.
Училиштето е опремено со сите потребни наставно образовни помагала, дидактички материјали и ресурси за непречено и успешно реализирање на воспитно – образовниот процес.
Верувам дека сите заедно, ученици, наставници, родители, ќе успееме да се носиме со новите предизвици што стојат пред нас и дека оваа учебна година ќе биде исполнета со успеси.
На сите ученици им посакуваме пријатни училишни денови, другарувања и многу успех, на наставниците плодна и успешна работа, а на родителите повеќе радост, стрпливост и разбирање за своите деца.
ООУ„Никола Карев“ – Пробиштип
Средното општинско училиште Наум Наумовски Борче од Пробиштип, започна со реализација на новата учебна 2022-23 година. Првиот ден го започнаа 295 ученици распоредени во 20 паралелки од кои 16 гимназиски и 4 стручни.Наставата се одвива во една смена , во двете училишни згради, со почеток во 7.30 часот.Новина е што од оваа учебна година во училиштето стартува дуалното образование за машинската струка , односно учениците коишто се запишани во прва година машинска струка/машински техничар се стипендирани од страна на Министерството за образование и наука.На првиот училишен ден учениците се запознаваа со предметните наставници, наставните планови по кои ќе ја следат наставата и со кодексите на однесување во училиштето и надвор од него.
СОУ Наум Наумовски Борче Пробиштип
Денес училишното ѕвонче го означи почетокот на новата 2022/2023 година за сите ученици. Во ООУ „Браќа Миладиновци“ првиот училишен ден помина во топла и пријатна атмосфера. Се слушаше детскиот џагор, а сите детски лица беа озарени со насмевка. Највесели беа првачињата кои за првпат зачекорија низ портата на знаењето и другарството. Нив ги поздрави и Градоначалникот на општина Пробиштип Драган Анастасов и им подари училишни прибори.
Сите ученици во нашето училиште ќе ја започнат новата учебна година во уредени и чисти училници, со потребните учебници и училишни помагала.
На сите ученици и вработени им посакуваме среќен и успешен почеток.
ООУ ,,Браќа Миладиновци”