ШЕСТА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА „СВЕТОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО ГИ БРИШЕ ГРАНИЦИТЕ“

Бања Лука, Босна и Херцеговина, 4–7 април 2024 година

Во периодот од 4-7. април 2024 година, во Бања Лука се одржа Шестата регионална конференција „Светот на образованието ги брише границите“ наменета за наставниците од земјите на поранешна Југославија. Најважна цел на конференцијата е да поттикне регионално вмрежување на најдобрите едукатори, наставници, професори, стручни соработници и за прв пат директори од земјите на поранешна Југославија, со цел нивната работа и креативност да бидат видливи. Иновативната работа на овие наставници е двигател и иницијатор на формални образовни реформи на кои се повикуваат сите земји во регионот. На конференцијата присуствуваа повеќе од 200 наставници од Босна и Херцеговина, Република Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Конференцијата беше организирана во текот на четири дена, и тоа: 

На првиот ден, 4. април, конференцијата беше официјално отворена од страна на една од основачите на Асоцијацијата, Жељана Радојичиќ Лукиќ, авторка на наградите за најдобар учител и најдобар директор EX YU и од градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ. На првиот ден од конференцијата традиционално се организираше Саемот за образование на кој учествуваа 36 училишта презентирани од наставници, а со тоа целиот регион имаше можност да добие увид во нивните училишни, локални, национални и меѓународни проекти. За време на Саемот за образование беа изложени најдобро дизајнираните наставни помагала во служба на среќно учење креирани од наставниците од регионот на тема „Светот на образованието ги брише границите“.  

Вториот ден од конференцијата започна со посета на државни и приватни образовни институции во Бања Лука, музеи и знаменитости. Во вечерните часови на вториот ден од конференцијата, учесниците имаа можност да ја проследат монодрамата „Како да ме разберете со аутизам“, а во исто време во просториите на Комората се одржа „Балканското собрание“, при што беа презентирани национални проекти.  

Во попладневните часови на третиот ден од конференцијата беше објавена 6-тата генерација на Најдобрите наставници. Од повеќе од неколку стотици пријавени просветни работници, со тутилата „Најдобар наставник на просторите на поранешна Југославија“ се стекнаа вкупно 28 наставници избрани според строги критериуми, од кои дванаесет се од нашата држава. 

ШЕСТА ГЕНЕРАЦИЈА – НАЈДОБРИ НАСТАВНИЦИ EX YU ОД СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА се: 

  1. Александра Митровска, ООУ „Петар Поп Арсов“, Скопје, Северна Македонија
  2. Билјана Лазареска, ООУ „Вера Јоциќ“ Скопје, Северна Македонија
  3. Дивна Карапанчева, ООУ „Вера Циривири – Трена“, Скопје, Северна Македонија
  4. Јелена Мандиќ, ООУ „Вук Караџиќ“, Куманово, Северна Македонија
  5. Ксенија Николова, ООУ „Гоце Делчев“, Босилово, Северна Македонија
  6. Марија Богатиновска, ООУ „Никола Карев“, Пробиштип, Северна Македонија
  7. Марина Станиславова, ООУ „Страшо Пинџур“, Неготино, Северна Македонија
  8. Олгица Бајалџиева, ООУ „Петар Поп Арсов“, Скопје, Северна Македонија
  9. Раде Илијевски, ООУ „Исмаил Ќемали“, Скопје, Северна Македонија
  10. Валентина Клопчевска, ООУ „Владе Тасевски“, Скопје, Северна Македонија
  11. Весна Бошковска, ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Скопје, Северна Македонија
  12. Весна Недановска, ООУ „11 Октомври“, Скопје, Северна Македонија

 

За време на доделувањето на наградите на најдобрите наставници и директори од регионот, во Асоцијацијата беа примени нови полноправни членови од сите 6 земји, а од нашата земја член на Асоцијацијата стана наставничката Роза Николова од ООУ „Св. Кирил и Методиј“, Македонска Каменица, Северна Македонија. 

Марија Богатиновска

Сподели на Facebook и Twitter