Томче Кузев- пробиштипска пливачка легенда

Потсетување на едно време кога Томче Кузев нижеше успеси и се закитуваше со медали во пливање на долги патеки

Сите пробиштипјани што се постари од 50 години, со радост се сеќаваат на едно време кога летата ги поминуваа на градскиот базен во дружба и забава. Пробиштип беше еден од ретките градови во тоа време кој имаше градски базен со олимписки димензии. Токму тој базен беше местото каде се собираше буквално целиот град, место каде младите учеа да пливаат но и да спортуваат на вода.  

Пробиштип беше спортска сензација со успешната работа на ватерполо екипата која опстојуваше и се натпреваруваше во тој период.  

Еден пливач отиде малку подалеку и својата пливачка кариера ја пренасочи во маратонското пливање.
Томче Кузев, нашиот сограѓанин е првиот и за сега единствен пливач кој постигна врвни резултати, кои засекогаш ќе останат забележани во пробиштипската спортска историја. 

Тој, како единствен пливач кој не е од градовите покрај езеро беше своевидна македонска маратонска пливачка сензација и еве само еден дел од неговите поголеми успеси: 

Горица – Охрид – прво место 1984г. 

Пештани- Охрид – прво место 1984г. 

Горица – Охрид – прво место 1985г. 

Пештани – Охрид – прво место 1985г. 

Св. Наум – Охрид – второ место 1985г. 

 

Како резултат на овие огромни успеси беше прогласен за спортист на годината на Пробиштип за 1984 и 1985 година и му беше оддадено 8мо септемвриското признание од Општина Пробиштип. 

Пробиштип изобилува со многу успешни спортисти, кои со своите постигнувања биле и се најголемите промотори на нашиот град, па Пробиштип инфо преку овој текст сака оваа спортска приказна да ја претстави на помладите генерации и никогаш да не биде заборавена. 

Пробиштип инфо

 

Видеото со фотографии од маратонските трки можете да го погледате ТУКА

Сподели на Facebook и Twitter