АЈДУЧКА ТРЕВА – ACHILLEA MILLEFOLIUM (СТОЛИСТОК, РАМНЕЦ)

Ајдучката трева има голема лековита моќ поради што има широка примена во народната медицина и во фитотерапијата и е позната како ,, лек за се,,

Доволно е само на кратко да се прошетате во околината на Пробиштип за да ја сретнете билката која е позната како ,, лек за се,,- Ајдучката трева која ја има буквално насекаде, дури и низ тревнатите површини во градот.

Ајдучката трева е повеќегодишно зељесто растение, кое расте исправено со неразгрането влакнесто стебло, цврсто и високо до 80 см.

Цветовите се бели или жолти. Расте на суви и влажни места, планински ливади, ораници, покрај патишта, на височина до 1800 м. Има горчлив вкус, а се употребува надземниот дел, листот и цветот. Се собира од Мај до Септември, а најдобра е за собирање во суво и сончево време, помеѓу 10-14 часот.

СОСТАВ:
Ајдучката трева содржи многу хемиски материи, преку десет активни состојки, содржи салицилна киселина, ментол, ахилеин и ахилетин. Исто така, ајдучката трева содржи горчливи материи, танини, слуз, етерично масло кое содржи хамазулен, тујон, пенини, витамин Ц и К и многу други состојки.

УПОТРЕБА:
Ајдучката трева има голема лековита моќ поради што има широка примена во народната медицина и во фитотерапијата. Може да се користи за внатрешна и надворешна употреба. Се смета дека Ахил прв ја употребил оваа билка и по него го добила името на горчливата материја ахилеин.
Ајдучката трева може да се користи за лекување на многу тешки болести пред се за женски болести, и се препорачува на жените од време на време да употребуваат чај од Ајдучка трева, со што ќе бидат поштедени од многу непријатности. Истата е корисна за млади девојки со нередовна менструација како и за постари жени во преодни години, бидејќи дејствува утеротонично на матката со што ја нормализира обилната менструација.
При болки од воспалени јајници се препорачува седечка купка од ајдучка трева, со што симптомите  ќе поминат за неколку дена. Во случај на миом на матка, бело перење и кај пролапс (испаѓање) на матка, потребно е да се прават седечки купки од Ајдучка трева подолго време, а истовремено да се пие по 4 шолји чај од босилек. Ајдучката трева ги стимулира дигестивните органи на лачење на сокови и го подобрува апетитот и работата на жолчката и панкреасот.
Билката благопријатно делува при воспаление на слузокожата на желудникот, цревата и дванаесетпалечното црево, како и при колити и други цревни заболувања.
Поради дејството на танините и етеричното масло, ајдучката трева се употребува при воспаление на усната шуплина и грлото.
Исто така ајдучката трева може да се користи и при главоболки, мигрена, несвестици, гадење, повраќање, при болки во очите и крварење на нос, за циркулација на крвта, делува поволно на коскената срж за создавање на црвени крвни зрнца.
Ајдучката трева постигнува добри резултати при запирање на крвавења од желудник, бели дробови, хемороиди и др. Благопријатно делува на работата на срцето, го подобрува крвотокот и ја зајакнува работата на срцевиот мускул.
При настинки, температури, болки во грбот, реуматски болки, гихт, анксиозност, несоница, висок крвен притисок, добро е да се пие топол чај од Ајдучка трева во поголеми количини. Со тоа ќе се постигнат добри резултати, а се користи и за нормализирање на работата на црниот дроб, бубрезите, желудникот, цревата, а исто така поволно делува и при лекувањето на шеќерна болест.

Во продолжение се состојбите каде користењето на Ајдучката трева покажува исклучителни резултати

  • поволно влијае на органите за варење
  • делува на коскената срцевина и го поттикнува создавањето на црвени крвни зрнца
  • го запира крварењето од белите дробови
  • има благо седативно дејство
  • делува како антисептик и аналгетик
  • чајот од ајдучка трева може да се каже дека помага и при ангина пекторис (во вид на чај само), анксиозност, гастритис, гихт, грчеви во стомакот, недостаток на апетит, нервоза, несоница, осип, зголемен крвен притисок (делува како диуретик), шеќерна болест, чиреви, хемороиди (поради витаминот Ц кој го содржи), ревматизам и друго.
  • облогите и купките помагаат кај брадавици, испукани раце, осип, отворени рани, псоријаза, исеченици и изгореници, кожни болести…
  • лековитите препарати од ајдучка трева во комбинација со други лековити билки лечат колитис, гастритис, грчеви во желудникот и цревата
  • калиумот кој се наоѓа во оваа билка помага во работата на бубрезите, срцето и крвотокот
  • ја прочистува крвта и органите за варење
  • помага кај болести на црниот дроб и жолчката, затоа што ја прочистува крвта
  • чај од Ајдучка трева се користел како народен лек кај жени кои имале проблеми со менструалниот циклус и цисти на јајниците.

Купката од Ајдучка трева се мисли дека делува како еликсир врз човечкото тело. Се подготвува така што сто грама ајдучка трева ( цела билка )  се остава цела ноќ да биде во студена вода, наредниот се затоплува водата со ајдучката трева додека не проврие, а потоа седодава  во водата за капење.

 

Свештеникот Кнајп во своите списи кажува: „Жените би биле поштедени од многу болести кога на време би почнале да ја користат  ајдучката трева!” Болките предизвикани од воспаление на јајници често престануваат веќе по првата купка од Ајдучката трева, а воспалението постепено се смирува. Купките се успешни и кај мокрење во кревет кај деца и стари лица. Во случај на миоми, купката треба да се применува секојдневно подолг временски период, додека на лекарската контрола не се потврди дека резултатот е негативен. Жените во климакс би требало да пијат чај од ајдучката трева затоа што овој чај ќе го намали внатрешниот немир и другите тегоби.

Ајдучката трева е ефикасна и во третманите за лекување на мигрена, несвестица, ги елиминира нагоните за повраќање, помага при солзење и голема секреција на очите, крварење од носот и др. Таа е одлична за прочистување на телото, регулирање на хормоните и стабилизација на метаболизмот, како и за чистење на црниот дроб, при состојби на труења, вирусен хепатит и други болести кои го напаѓаат црниот дроб. Делува моќно и е одлична за смирување на нервниот систем во состојба на психичко растројство.  Ајдучката трева директно делува на коскената срж и на создавање на црвени крвни зрнца. Се употребува како антитромботичко средство при мозочни удари. Има јако антибактериско дејство против стафилококи, еширихија, кандида и други инфекции.

Излезете во природа, уживајте во сонцето и соберете си Ајдучка трева. Исушете си за чај и за купка или направете си сок. Бенефитите од користењето на ,,билката која лечи се,, ќе ги почувствувате многу бргу.

Внимавајте при собирањето да не го оштетите растението, за да можете и следната година да собирате лековити билки на за вас познатите терени. Користете ножици и внимателно сечете го надземниот дел.

Силвана Пеншова

Сподели на Facebook и Twitter