БОСИЛЕК (Ocimum basilicum)
Во Пробиштип и околината не постои двор, градина, бавча или балкон каде нема да здогледате едно прекрасно ароматично жбунче-босилекот. Одамна познато лековито растение, во исто време и зачин, кој рака на срце баш и не е застапен многу во нашата кујна.
Босилекот е наше омилено народно растение со пријатен и ароматичен мирис, посебно листовите, и ароматичен, горчлив вкус. Се бере надземниот дел од растението (Basilici herba), кој што е богат со етерични масла, танини, сапонини и со горчливи материи. Количината на етерното масло не е голема 0,4 – 0,8 %, но билката сепак има многу силен мирис.
Потекнува од Индија, а во Европа во 12 век го донеле монаси. Православната црква, хиндуистите и многу други народи, на босилекот му припишуваат божествена моќ. Постои верување дека на крстење никогаш никој не настинува, без оглед на возраста, бидејќи оваа билка поседува силно антивоспалително дејство.
Во етеричното масло има естрагол или метил кавикол, линалол, цинеол и други антисептични состојки коишто служат како конзерванси и го спречуваат развојот на многу микроорганизми, при што ги уништуваат. Па оттука, оваа билка со право се користи при настинки, грип, за инхалации, при воспаление на грлото и на дишните патишта.
Исушениот надземен дел од босилекот, подготвен во облик на попарок, се употребува и за смирување на нервниот систем, против гасови, надуеност и против тегоби на органите за варење. Поединечно или во комбинација со други лековити билки се употребува против некои цревни паразити, за подобрување на апетитот, за уредување на нередовен менструален циклус.
Босилекот е во состојба кај нервни болести, да предизвика опуштање, ги смирува грчевите од срцето, ги истерува лошите мисли, делува како лек против снужденост, меланхолија и слично.
Босилекот помага и против спазми на бронхиите, желудникот, цревата и жолчката.
Босилекот има антимикробно дејство, дејствува против микроорганизми: ешерихија коли, салмонела, стафилококи и други.
Се препорачува кај инфицирани рани, слузницата на устата и грлото, кај дијареи, колити, при хронични воспаленија на уринарните органи и дишните органи, кашлица, бронхитис, синуси, болести во цревата и стомакот.
Босилекот се користи против кашлица, болести на бубрезите, главоболка и депресија, кај настинки, воспаление на ушите и ушното тапанче, но и како средство за освежување и закрепнување.
Традиционалната медицина исто така ги цени лековитите својства на босилекот. Се користи против кашлица, болести на бубрезите, главоболка и депресија, а во вид на чај за намалување на менструалните болки. Сокот од лисјата се користи против настинки, воспаление на ушите, против несоница и намалување на нервозата, како и за зголемување на апетитот.
Чајот од босилек секако треба да го пијат доилките, бидејќи го поттикнува создавањето на млеко. Се подготвува така што листовите од сув босилек ќе се прелијат со зовриена вода и се оставаат 10 минути. Овој напиток може да се пие секој ден, но по осум дена треба да се направи пауза од две недели.
Истражувањата на официјалната медицина покажале дека со свеж босилек успешно се лечат болни отечени зглобови, а пред се зглобови зафатени со артритис. Експертите тврдат дека листовите на ова растение делуваат слично како таблетите диклофенак. Еугенолот кој на босилекот му дава препознатлива арома, а го има најмногу во азиски видови, е клучна состојка која делува против воспаленија.
Поради седативното дејство, единствено не се препорачува на бремени жени, како ни на бебиња помали од шест месеци. Ако конзумирате премногу чај од босилек, може да се појават некои несакани ефекти, но повеќето ефекти се предизвикани од кофеинот присутен во чајот. Можна е алергија на босилек и може да доведе до воспаление или вознемиреност во стомакот.
Неколку состојби каде босилекот може многу да ви помогне:
– НЕГА НА КОЖА. Босилекот содржи многу антиоксиданти како камфен и други соединенија кои можат да го намалат воспалението и да го подобрат целокупното здравје на кожата. Со помалку слободни радикали кои предизвикуваат проблеми, вашата кожа ќе изгледа помладо, без брчки.
– ОРАЛНО ЗДРАВЈЕ. Многу луѓе јадат лист од босилек бидејќи содржи природни антибактериски и антивирусни својства, но истото може да се добие и со чајот, спречувајќи инфекции кои можат да предизвикаат некои болести.
– ДИЈАБЕТЕС. Спроведено е обемно истражување за ефектите на босилекот врз дијабетесот, поточно, неговото влијание врз регулацијата на шеќерот во крвта и гликозата во организмот. Редовното конcyмирање на овој чај може да помогне да се одржуваат симптомите на дијабетес под контрола.
– АНАЛГЕТИК. Босилекот е исто така природен лек против болки и може брзо да ги ублажи непријатностите и воспаленијата поврзани со разни болести.
– ИМУНОЛОШКИ СИСТЕМ. Како што споменавме, чајот од босилек содржи многу соединенија кои можат да ви помогнат да спречите вирусни и бактериски инфекции, со што ќе го зајакнете имунитетот и ќе му помогнете во борбата против бактериските и вирусните инфекции.
– СТРЕС. Кога станува збор за ослободување од стресот, овој смирувачки чај од босилек може да помогне во намалување на нивото на хормонот на стресот и исто така да им помогне на оние кои имаат проблеми со несоница. Може да биде добар за вашиот кардиоваскуларен систем, како и за метаболизмот и менталното здравје.
Многубројните истражувања докажаа дека босилекот благодарение на својот состав влијае на доброто здравје и на долговечноста. Тој содржи: витамин А, витамин Ц, калциум, цинк, железо и хлорофил.
Секако вреди да се спомене дека листовите босилек кога ќе се истријат од кожата ги држи комарците подлеку од нас спасувајки не од многу непријатности.
Наскоро босилекот ќе стаса за собирање по втор пат, во ек на второто цветање, па секако ве мотивирам да одвоите малку време, да го соберете и исушите на сенка, со што ќе си овозможите освежителен и здрав напиток во тек на зимата.
Исто ве мотивирам да оставете неколку гранчиња да создадат семе, кое ќе го соберете и засеете следната година.
Силвана Пеншова