ДУЊА- Cydonia oblonga
Уживањето во прекрасните есенски прошетки не би било комплетно доколку во дворовите на Пробиштип и околните места погледот не ни застане на едно прекрасно дрво -ДУЊА. Таа е есенска убавица која плени со својата миризба, а и со вкусот кој го чувствуваме кога ја јадеме свежа, како компот, слатко или пелте. Омилено овошје на нашите баби, мајки кое како по правило стоеше како украс на креденците во тек на есента и зимата.
Освен како материјал за подготовка на разни десерти, дуњата е овошје кое има многу лековити својства и ви помага да решите одредени здравствени проблеми, а секако и во зачувување на вашето здравје.
Дуњата потекнува од делови на Азија и Медитеранот. Близок роднина е на јаболкото и на крушата.
По својот состав освен минималната количина на калории и масти, дуњата е голем извор на витамини, протеини, јагехидрати, диетални влакна, а содржи и многу танински материи и пектин.
Од витамини највеќе има витамин Ц, но и многу каротен (провитамин А), витамин Б1 и Б2, како и нијацин. Богата е со бакар, калиум, калциум, магнезиум, натриум, железо, сулфур и хлор.
Семките од дуња содржат дури 15 проценти масло и многу амигдалин, односно витамин Б17, кој има антикацерогено дејство. Семките од дуњата се богати со масти, танин, пектин, шеќери, јаболкова киселина, емулзија и протиди.
Лековити својства имаат плодот, семките и листот.
Дуњата треба да се користи како лек, или како помошно лековито средство кога се во прашање следните болести и тегоби: акни, анемија, болести на грлото и носот (крајници), бронхитис, грчеви во желудник, грип и настинка, дијареа, егзема, лош здив, инфекции на кожата, зајакнување на имунитетот, кашлица, нервоза, несоница, изгореници, проблеми со желудникот и органите за варење, проблеми со кожни болести, разни инфекции, воспаление на органите за дишење, го забрзува зараснувањето на раните.
Фантастични резултати покажува кога се користи за:
- за подобрување на имунитетот – има антибактериско дејство и одлично се спрсвува со одредени патогени бактерии како Е-коли. Во една дуња се содржани 15% од дневната потреба за витамин Ц, што ја прави неопходна за здрав имунолошки систем. Нејзините антиоксидативни својства се особено почитувани, па затоа е посакувана од луѓето кои водат сметка за своето здравје
- ги ублажува проблемите со дигестивниот тракт, чајот од лист од дуња е препорачлив како пијалок дури и во случај на улцерозен колитис
- помага при лекување на чир на желудник , па сокот од дуња е препорачлив бидејки делува како инхибитор на бактеријата Helicobakter pylori, која е главен виновник во неговото создавање
- помага при ублажување на трудничките мачнини
- ги намалува симптомите на руфлуксната киселина
- помага и кај алергиските реакции – со подготвување на пијалок од сирупот и семките од дуња
Помага и кај одредени кожни заболувања, кај гихт, туберкулоза, инсуфициенција на црниот дроб… Поради сето предходно наведено, дуњата е исклучително лековито овошје. Лековити се и плодовите и листовите и семето, а особено сокот и сирупот. Благодарение на танинот и слузта поволно делува на работата на цревата и спречува инфективни болести.
Овој период од годината е во знакот на дуњата, за која во некои стари написи може да се сретне дека таа, а не јаболкото била овошјето поради кое Адам и Ева биле протерани од Рајот.
Побарајте ги тетратките со рецепти на вашите баби и мајки, подгответе ја дуњата да ве засладува и крепи во зимата што ни престои или пак ставете ја на некое парче мебел како украс и ароматизер на воздухот.
Слаткото од дуња е нешто по што надалеку се познати македонските домакинки, а пелтето е десерт без кој не можеле да се замислат Божикните празници. Не постоела куќа каде компотот и мармаладот не биле на полиците како зимница, подготвени за освежување или подготовка на некој убав колач.
Кој има каде, нека си засади дуња, а за тие што немаат, па има солидна понуда на пазарите. Најважно од се е таа да е присутна што подолго на нашата трпеза.
Силвана Пеншова