Невен (Calendula officinalis)

  Невенот од дамнина е познат како ,,СКАПОЦЕНА БИЛКА“

Со една прошетка низ улиците на Пробиштим не може а да не забележите дека во скоро сите дворови, цветни градини, но и балкони својата убавина ја покажува една билка, а тоа е НЕВЕНОТ. Освен што плени со прекрасниот портокалов цвет, невенот е исклучително лековито растение. Тоа очигледно го знаат пробиштипските домакинки, па толку масовно го одгледуваат. 

 Нeвенот е едногодишна зелјеста билка, висока 30-50 сm. Кај нас се одгледува насекаде како омилено народно растение. Цветовите се жолти или портокалови, поединечни, 2-5 сm широки, со својствен мирис. Како активен дел од билката се користaт цветовите (Calendulae flos), коишто се собираат по суво и сончево време во корпи и се сушат на силен провев, со цел да ја сочуваат прекрасната природна боја и мирис, бидејќи квалитетот се цени пред сè според изгледот, бојата и мирисот. 

  Невенот од дамнина е познат како ,,СКАПОЦЕНА БИЛКА“. Цветовите од невен се користеле во медицински цели уште во 12 век. Цвета од Мај до доцна во есен , а најмногу е застапен во медитеранскиот дел.  

  Исушениот цвет од невен содржи етерични и масни масла, каучук, смоли и разни каротеноидни бои, слузи, шеќери, белковини, фитостероли, салицилна киселина, ензими и разни соли.Богат е и со флавоноиди, каротиноиси, сапонини, полисахариди и етерични масла. Флавоноидите кои ги содржи невенот претставуваат антиоксиданси од растително потекло , кои ги штитат клетките од оштетувања предизвикани од слободните радикали. Невенот успешно се справува со вирусни и бактериски воспалителни процеси.  

 

  Невенот се користи за надворешна и внатрешна употреба, во народната и во научната медицина. Невенот е благ антисептик. Во облик на чај, тинктура или маст/маслен гел се употребува за подобрување на симптомите кај некои кожни заболувања, особено импетиго, благодарение на противвоспалителното и епителизирачкото делување на активните состојки. Поради овие дејства, чајот подготвен од сушени цветови од невен се препорачува за олеснување на воспалителни процеси на кожата, перутав лишај, изгореници, лузни, убоди од инсекти и заздравување на површински рани. Една супена лажица сушен цвет од невен се прелива со 250 ml свежо зовриена вода и се остава да отстои 10-15 минути во покриен сад. Повремено се промешува, па се процедува. Откако ќе се олади, се прават промивки на болното место, а потоа на кожата може да се нанесе тенок слој на гел со невен, со лесно втривање. Оваа постапка се повторува два до три пати во текот на денот. 

  Докажана е ефикасноста на невенот во процесот на зараснување на раните, што се должи на зголемувањето на протокот на крв и кослород на инфицираната површина, со што се овозможува регенерирање и раст на ткивото. Исто така невенот е корисен за хидриратација и цврстина на кожата, па затоа е исклучително ценет во козметичката индустрија. Сувите цветови од невен се користат за подготвување на масло, тинктури, мелеми, креми за лекување на рани и модринки, изгореници од прв степен и  изгореници предизвикани од сонце, алергиски реакции на кожата…ефикасно е во третманот на проширени вени и други заболувања на вените, акни, кожни чиреви, убоди од инсекти, осипи од пелени кај бебиња, отоци и повреди…Докажано е дека невенот помага кај дерматитис и инфекции на кожата кај лица со канцер на дојка, предизвикани од терапија со зрачење. Невенот има и антиинфламаторно и антигабично дејство, што го прави поволен за негово користење при вагинални габични инфекции, атлетско стопало и сл. 

  Секако треба да знаете дека постојат докази за несакани реакции на невенот во комбинација со конвенционални или хербални лекови. Ако невенот се конзумира орално, може да стапи во реакција со следните лекови :  

– седативи 

– лекови за висок крвен притисок 

– лекови во третман за дијабетес.  

Затоа исклучително е важно да се консултирате со лекар.  

  Засадете си невен во бавчите, градините, а зошто не и во саксија. Соберете си цветови и соодветно исушете ги или направете од нив некој лековит препарат. Бенефитот од таа ваша активност ќе биде голем.   

Силвана Пеншова

Сподели на Facebook и Twitter