РУЗМАРИН (Rosmarinus officinalis, fam. Labiateae)

Освен како лековита билка, рузмаринот се користи и како зачин и тоа во маринади за риба, јагнешко , дивеч и други видови месо. Освен прекрасната арома, тој го чува месото од расипување, бидејки има  антибактериски својства.  

  Пробиштип е град во кој има прекрасно уредени дворови со разнобојни цвеќиња. Но освен цвеќиња вообичаени се и лековитите и зачинските билки, кои се користат особено преку зима за подготвување на чаеви, но и тинктури, мелеми, масерати и др. Една од билките која ја има во сите дворови е РУЗМАРИНОТ, волшебна билка со опоен мирис .
Рузмаринот е зимзелена грмушка, богато разгранета, висока 1-2 m. Цвета преку целата година со ситни цветови со сина боја. Целата билка има пријатен мирис. 

Листовите (Rosmarini folium) како активен дел од растението се собираат на пролет, кога ќе се појават цветовите. Листовите се долги 3-4 сm, игличести, зелени, крти, кожести, испакнати на горната страна, а на средината имаат бразда. Мирисот е ароматичен на цинеол и камфор, а вкусот лут, ароматичен и нагорчлив. 

Главната состојка во составот на листовите е етеричното масло, танини, холин, сапонозиди, хетерозиди и горки материи. Етерното масло е безбојна или жолтеникаво-зелена течност, со ароматичен мирис сличен на камфор и лут ароматичен вкус. Се состои од пинен, камфен, цинеол, камфор, борнеол и изоборнил-ацетат. 

Лековитоста на рузмаринот е позната уште од средниот век, од кога интензивно се користи како лековито растение. Лисјата од рузмарин се користат за правење чај за подобрување на варењето и за ублажување на стомачните тегоби. Тинктури и масти се користат за побрзо заздравување и дезинфекција на отворени рани и  за антиревматски третман. 

 Рузмаринот ја стимулира циркулацијата и протокот на крв во мозокот, со што се ослободуваат главоболките и се подобрува концентрацијата. Го подобрува помтењето, ја зголемува способноста за побрзо учење, дури се мисли дека спречува Алцхајмерова болест. Бидејки е силен антиоксиданс има одличен ефект во подобрување на сите мозочни функции. Скоро и да нема несакани ефекти, но се препорачува поголема претпазливост кај лицата со зголемен крвен притисок 

Маслото од рузмарин има позитивен ефект врз превенцијата од карцином на кожата. Обезбедува природна заштита од оштетување што го предизвикува штетно ултравиолетово зрачење и спречува раст на тумори на кожата. 

  Познати се и антисептичките, диуретичните и седативните својства на рузмаринот. Во народната медицина се користи во третман на треска и несвестица предизвикана од проблеми со системот за рамнотежа. Поради хемискиот состав на маслото, има поволно дејство врз зајакнувањето на имунитетот. Алкохолен раствор на рузмарин се користи за масажа при главоболки, физичка исцрпеност, нервни заболувања и ревматизам. Есенцијалното масло од рузмарин се користи исклучиво за надворешна употреба и многу ретко може да предизвика алергиски реакции. 

Освен за решавање на проблеми со кожата,при што ги врзува слободните радикали поради што е наречен и ,,еликсир на младоста’’,  рузмаринот покажува одлични резултати и при третман за опаѓање на косата ,го подобрува нејзиниот квалитет и го забрзува растот 

Во комбинација со други лековити растенија решава одредени срцеви проблеми како Ангина пекторис. 

Освен како лековита билка, рузмаринот се користи и како зачин и тоа во маринади за риба, јагнешко , дивеч и други видови месо. Освен прекрасната арома, тој го чува месото од расипување, бидејки има  антибактериски својства 

Од се горе спомнатото останува кој веќе не е, да си засади рузмарин во дворот или градината. Успешно може да се одгледува и на тераса во саксија, која треба преку зима да се смести во светла просторија каде температурата не паѓа под 10 степени 

Сега е идеално време да го засадите и веќе на пролет да го соберете и исушите или пак да си подготвите тинктура или масерат.  

 Силвана Пеншова

   

Сподели на Facebook и Twitter