Уште една билка која често може да се примети во дворовите и градините во Пробиштип и околните села е нејзиното височество – ЖАЛФИЈАТА. Ова растение меѓу луѓето е познато како зачин, но и како исклучително лековита билка, па затоа со задоволство ја садиме и одгледуваме.
Жалфија во народната медицина се користи како лек за воспалителни процеси на цревата, желудникот, црниот дроб, бубрезите, жолчката…
Името на жалфијата (лат. Salvia officinalis) во Латинскиот Salvia доаѓа од зборот salvare, што значи да се спаси, да излекува, зашто што старите Римјани ја користеле за лекување на различни болести додека officinalis значи лекување.
Во текот на историјата делотворноста на жалфијата била потврдена и со закон! Карло Велики знаел за нејзината лековитост, па со законот наредил сите манастири да мораат да одгледуваат по стотина различни видови на лековитите билки, од кои на првото место била токму жалфијата.
Кај жалфијата лековити се листовите и младите гранчиња, а како би се сочувале сите корисни состојки треба да се берат пред цутење. Сушењето треба да се изведува во сенка, во добро проветрени простории на температура најмногу до 40 степени. Ова е важно да се изведува на правилен начин затоа што листовите се богати со јаглени хидрати, целулоза, танини и белковини. Освен овие органски соединенија содржи и многу железо и калциум, а особено е богата со витамин А. Сепак, најважно од сите состојки е етериското масло.
Жалфијата има особина да стега, поради што, како чај е ефикасен кај дијарејата, како и кај болките и грчеви во желудникот. За подготвување на чај доволно е да ставите половина лажица лист на една шолја вода, а како терапијата би дала најдобри резултати дневно треба да испиете две шолји во мали голтки.Жалфијата е малку поразлична за подготвување во однос на другите билки. За гаргара се подготвува на класичен начин, како инфуз, но за пиење се препорачува да се вари 3 минути и да одстои уште кратко, за потоа да се пие во мали голтки подолго време.
Не смее да се користи од страна на бремени жени, доилки и епилептичари.
Долгорочна внатрешна употреба може да доведе до зголемена подложност на напади.
Жалфијата е ефикасна и кај болестите на органи за дишење затоа што поттикнува исфрлување на слузта. Делотворноста на жалфијата која уште пред повеќе векови ја препорачувале билкарите, добива и службена потврда од научниците дека го подобрува помнењето. Научниците од Њукастл опфатиле со истражување здрави луѓе од 18 до 37 години, на едната група им дале капсули со масло од жалфија, додека втората група на испитаниците добила плацебо, односно масло од сончоглед. Се утврдило дека испитаниците кои постојано земале масло од жалфија покажале подобри резултати во тестовите за помнење.
По овие резултати на научниците жалфијата им станала интересна за понатамошно истражување како потенцијални лек за Алцхајмер. Веќе е откриено дека ова билка го кочи ензимот ацетихолинестераз, кој негативно влијае на помнењето. Алцхајмеровото заболување е најчестиот облик на деменција во целиот свет, па пронаоѓањето на лекот би било револуционерно откритие. Научниците веруваат дека жалфијата поседува антиоксиданси кои можат да помогнат во лекувањето на ова болест.
Жалфијата како антисептик е задолжителна состојка на многубројните лекарства кои се употребуваат за плакнењето на устата и грлото при воспалување , ги лекува афтите. Танините од жалфијата ја зајакнуваат слузокожата, додека етерското масло делува антисептично. Интересно е дека пред откривањето на антибиотиците, жалфијата со векови се користела против воспаление на грлото, зарипнатост како и за подготвување на чајот за заболените од туберкулоза. Денес екстрактот од жалфија често се додава и во пастите за заби.
Во народната медицина се користи и за зајакнување на нервите, а помага и за сите видови на настинка и грип. Се употребува и за чистење на крвта, но и против сите воспаленија, почнувајќи од грлото и внатрешните органи, па се до бешиката и вагиналните воспаленија. Исто така, ги олеснува тегобите на заболените од реуматизам.
Жалфијата има антимикробно и спазмолитично (ги релаксира мускулите)дејство. Го намалува лачењето на пот и плунка и го регулира потењето.
Жалфијата е природен конзерванс, бидејќи делува антимикробно. Благодарение на својството да го спречува развојот на вируси, се користи и во мастите против херпес.
Делува адстрингентно, па се применува и за запрење на крварење кај рани, но исто така и за дезинфекција на рани и чиреви.
Бидејќи делува спазмолитични, се користи за инхалација кај астма, бронхитис, или кај респираторни инфекции, бидејќи делува антимикробна.
Во продолжение ќе ви наведам само 5 од многуте причини зошто треба да ја користите жалфијата:
– помага при проблеми на органите за варење
– смирува воспаленија на устата и грлото
– ги прочистува синусите и помага во полесно искашлување на слузните секрети од дишните патишта
– го намалува шеќерот во крвта и го регенерира црниот дроб
– намалува потење и враќа енергија
Жалфијата е неприкосновена во борбата против грип и други вирусни инфекции и помага при намалување на температура.
Но како и сите други лековити билки и жалфијата може да предизвика несакани ефекти во одредени ситуации,како гадење, повраќање, вртоглавица. Tујонот, една од состојките на жалфијата е невротоксичен и може да предизвика грчеви.
Антисептичките својства на жалфијата во минатото попримиле дури и духовни својства. По болест или смрт во некое семејство , просториите во куќата се подкадувале со запалени листови жалфија бидејки се мислело дека на тој начин се бркаат злите духови кои носат болест и смрт.
Засадете си жалфија во дворовите, бавчите или каде и да најдете соодветно место за грмушката која ќе ве спаси од многу непријатности.
Силвана Пеншова