Денес е 14ти Јуни – Светскиот ден на крводарителството

Во цел свет се одбележува денот посветен на едни од најхуманите луѓе - крводарителите
   Почнувајки од 2005 година, кога 192 земји-членки на Светската здравствена организација го прогласија за меѓународен, Светскиот ден на крводарителството редовно се одбележува како на глобално ниво така и во Македонија. Неизмерна благодарност до сите крводарители за нивниот благороден чин на дарување, е главната идеја за одбележување на овој датум. 14ти Јуни е избран да се одбележи како Светскиот ден на крводарителството од посебна причина: на денешен ден, во 1868 година, е роден познатиот австриски научник д-р Карл Ландштајнер, чие откритие за системот на крвни групи АБО беше крунисано со Нобеловата награда за физиологија и медицина во 1930 г. Како што се развиваше трансфузиолошката служба во Македонија по Втората светска војна, во 50-тите години на минатиот век, започна соработката за унапредување, регрутирање и задржување на крводарители , заеднички проект меѓу службата за трансфузиологија и Црвениот крст, која продолжува и денес. Пробиштип може да биде горд бидејки многу наши сограѓани се крводарители, а некои од нив оваа бесценета течност што спасува животи ја подариле многу пати во тек на годините. Вредно е да се спомене дека се повеќе млади луѓе стануваат крводарители и со овој хуман чин овозможуваат нечие срце да продолжи да чука. Среќен мегународен ден на крводарителството на сите крводарители од нашата општина. Вашиот хуман гест за некого значи живот.
Сподели на Facebook и Twitter