Патување во бременост

Најдобро е да се избегнуваат патувања со брод или со автобус на подолги релации, бидејќи овие превозни средства не се пријатни за трудниците

        Д-р Ванче Какашевски

         Специјалист по гинекологија и акушерство

 

 

 

Една од најчестите дилеми кај бремените жени , особено во летниот период е дали може да се патува и колку е безбедно патувањето. 

Препораките од гинеколозите е доколку не се работи за ризична бременост, нема никаква контраиндикација за патување. Ако бременоста е редовно контролирана, нема опасност од предвремено породување или други патолошки состојби кои бараат мирување или болничко лекување, тогаш нема никаков проблем да се користат сите превозни средства со одредени препораки, кои се: 

Да се избегнува патување во првите три месеци кога бременоста е највунерабилна, односно поврзана со ненадејни проблеми како спонтан абортус, па така најбезбедно е патувањето од 14 – 28та гестациска недела. 

Најдобро средство за патување е авион секако во зависност од политиката на авио компанијата. Повеќето од нив дозволуваат летање до 36та гестациска недела. Некои компании можат да побараат и мислење од гинеколог дека не се работи за ризична бременост и нема опасност да дојде до предвремено породување во тек на летото. 

Патувањата кои траат подолго од 5 часа не се препорачливи затоа што има голема опасност за појава на хиперкоагуабилна состојба на крвта кај трудницата т.е. зголемен ризик за појава на тромбоза. Она на што треба да се внимава е појасот да биде безбедно врзан под стомакот, а не преку него.Се препорачува за внесување на многу течности, а најдобро вода за да не дојде до дехидратација поради сувиот воздух во авионот. 

Друго средство за патување е автомобилот кое може да биде многу покомотно, бидејќи самата трудница може да го поставува ритамот на патувањето. Препораките се слични, задолжителна пауза на 30-40 минути со мала прошетка, заради одржување на нормална циркулација, особено во долните екстремитети. Возилото треба да биде добро климатизирано, со оптимална температура, ниту престудено ниту претопло. 

Најдобро е да се избегнуваат патувања со брод или со автобус на подолги релации, бидејќи овие превозни средства не се пријатни за трудниците. 

Сподели на Facebook и Twitter