На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 03 јуни

1098.- По петмесечна опсада во Првата крстоносна војна, крстоносците го зазеле градот Антиохиј (денешна Антакија на југот на Турција)

1875.- Умрел францускиот композитор Жорж Бизе, автор на операта „Кармен“, ремек-дело на францускиот музички реализам, еден од најоригиналните и најсугестивните оперски композитори. Останати дела: операта „Ловци на бисери“, сценската музика за „Арлезијанка“, од Алфонс Доде, „Симфонија во C-dur“

1906.- Родена е француската пејачка од афроамериканско потекло Жозефина Бекер, која во Втората светска војна му се приклучила на движењето на отпорот против нацистите за што била одликувана со највисоки француски ордени. Со светска слава се стекнала по 1925 година, кога настапувала во париските кабареа „Фоли Бержер“ и „Казино д` Пари“. Пеела шансони, збогатувајќи ги со типично француски песни со елитен џез. Како истакнат борец против расизмот, уште во раната младост посвоила многу сираци од различни раси одгледувајќи ги во духот на братството и човековата солидарност. Нив ги издржувала од приходите стекнати на гостувањата ширум светот

1917.- Прогласена била „независност“ на Албанија под италијанска заштита. Албанија по Балканските војни за првпат во историјата била востановена како држава, најмногу под влијание на Австроунагрија, со цел Србија да не излезе на море

1924.- Во Виена умрел Франц Кафка, австриски писател. Во своите раскази и романи го изразувал чувството на несигурност кај човекот и во нив осамениот човек што доаѓа во конфликт со бездушната бирократија. Негови најпознати дела се романите „Процес“, „Америка“, „Замок“ и расказите „Преобразба“, „Селски лекар“ и други. Роден бил во Прага, на 3 јули 1883 година

1931.- Во Лазарополе е роден нашиот есеист, препејувач, публицист и академик Анте Поповски. Автор е на книгите: Одблесоци (поезија, 1955), Вардар (поезија, 1958), Самуил (поезија, 1963), Непокор (поезија, 1964), Камена (поезија, 1972), Тајнопис (поезија, 1975), Љубопис (поезија, 1980), Родопис (поезија, 1981), Сина песна (поезија, 1984), Глас од дамнина (публикација од литературно-историски и поетолошки карактер, 1986), Ненасловена (поезија, 1988), Оковано време (статии и коментари, 1991), Меѓу животот и знаците (есеи, 1991), Провиденија (поезија, 1995), Окото, светлините (есеи, 1996) и последната, тестаменталната поема „Света песна“ (поезија, 2001).Составувач е на Светата земја на зборот, антологија на јидиш поезијата, и на Орфеј и Исус — библиски мотиви во современата македонска поезија (2000)

1940.- Хитлеровите окупаторски сили ја почнале офанзивата против француските сили од линијата Девил – Седан во северна Франција. Целта била освојување на Париз. Пред тоа германските сили ги зазеле Холандија, Белгија и Луксембург

1963.- Умрел римскиот папа од италијанско потекло Јован XXIII, поглавар на римокатоличката црква од 1958 година и водач на реформската црковна струја. Во 1962 година го свикал Вториот екуменски концил (собир) на кој биле најавени далекусежни реформи во римокатоличката црква, кои подоцна биле спроведени

1997.- Водачот на Социјалистичката партија Лионел Жоспен станал претседател на владата на Франција по убедливата победа на левицата на парламентарните избори

2001.- Во Бостон умрел Ентони Квин, американски филмски актер од мексиканско потекло, добитник на две награди „Оскар“ за епизодни улоги. Роден бил во Чивава, на 21 април 1915 година

2006.- Собранието на Црна Гора усвоило одлука за прогласување независност на Република Црна Гора, според која Црна Гора е независна држава со целосен меѓународен правен субјективитет

 

Сподели на Facebook и Twitter