На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 16 јули

1723 – Роден е сер Џошуа Рејнолдс, англиски сликар, еден од најпознатите светски портретисти. Изврши големо влијание на англиското сликарство и како уметник и како основач на Уметничката академија во Лондон, чиј претседател беше се до својата смрт. Изработи околу 2.000 портрети. Умре во 1792 година.

1796 – Во Париз е роден Камиј Каро, француски сликар, еден од создавачите на модерниот лирски имтимен пејзаж. Неговиот опус опфаќа околу 2.000 слики, 300 цртежи и десетина графики. Умре на 22 февруари 1875 година.

1872 – Роден е Раул Амундсен, норвешки поларен истражувач. На 14 декември 1911 година го откри Јужниот пол на Антарктикот. Умре во 1928 година.

1885 – Воспоставена е британска колонијална власт над Австралија, со исклучок на Западна Австралија.

1899 – Роден е Божидар Јакац, словенечки академски сликар. Умре на 20 ноември 1989 година.

1906 – Во Грузија е роден Висент Шерман (вистинското име му е Абран Оровиц), американски сценарист и режисер од еврејско потекло. Беше на врвот на славата во четириесеттите години на 20. век, кога снимаше филмови со најголемите ѕвезди од тоа време. Умре на 18 јуни 2006 година.

1911 – Родена е Џинџер Роџерс (вистинското име и е Вирџинија Кетрин Мекмат), американска музичка и танчерска актерка. Умре на 26 април 1995 година.

1918 – Погубен е рускиот цар Николај Втори со семејството. Со тоа од сцена исчезна династијата Романови, која со векови владееше со Русија.

1921 – Роден е францускиот моден креатор Ги Ларос, еден ад најголемите „модни диктатори“ во 20. век. Неговите елегантни креации се продавани по релативно умерени цени.

1924 – Одржана е Лондонската конференција за германското прашање. Изведен е вистински пресврт со прифаќање на „Планот Довез“ за репарациите. Германија наскоро почна да добива странски кредити за да се засили економски, а Франција и Англија ги истакнаа како нови европските принципи: пацифизмот, безбедноста, арбитражата и разоружувањето, што го означи почетокот на стабилизацијата на капиталистичка Европа.

1940 – Адолф Хитлер ја издаде директивата “Морски лав”, план за инвазија врз Велика Британија. Со директивата беше предвидено сите подготовки за мобилизацијата на околу 260.000 нацистички војници да се извршат до половината на август, а десантот да се одложува се додека германската авијација не биде надмоќна. Потоа, на 18 август е извршен најжестокиот напад на германската авијација врз цели во Англија, а на 7 септември почна битката во Лондон.

1946 – Во пустината Њу Мексико, на полигонот Аламогродо, во САД, е извршена експлозија на првата атомска бомба. Овој настан се смета за почеток на атомската ера.

1949 – Силите на кинеската ослободителна армија во завршните операции ја ослободија цела Кина и целосно ги поразија трупите на Чанг Кај Шек, кој со дел од својата армија мина на островот Тајван.

1950 – На стадионот „Маракана“ во Рио де Женеиро, Уругвај пред 199.000 гледачи во финалето на Светското првенство во фудбал го победи домашниот Бразил со 2:1, освојувајќи го по вторпат светскиот фудбалски шампионат.

1965 – Пуштен е во сообраќај тунелот под Монт Блан, долг 11,5 километри што ги поврзува Франција и Италија, а го скусува патот Париз – Рим за 200 километри.

1969 – Од Кејп Кенеди, во САД, е лансиран вселенскиот брод “Аполо 11” на Месечината, во кој се наоѓаа Нил Амстронг, Мајкл Колинс и Едвин Олдрин. Астронаутот Нил Амстронг на 21 јули прв стапна на Месечината.

1985 – Умре германскиот писател Хајнрих Теодор Бел, добитник на Нобеловата награда за литература во 1972 година, мајстор на кратки приказни. Тој е еден од најпреведуваните германски писатели по Втората светска војна. Дела: романите „И не кажа ниту збор“, „Куќа без чувар“, „Мислењето на еден кловн“, „Групна слика со дама“, расказите „Возот беше точен“, „На крајот на службеното патување“, „Изгубената чест на Катарина Блум“.

2002 – Ирската републиканска армија упати јавно извинување до семејствата на цивилите кои загинаа во нејзината 30-годишна борба за отцепување на Северна Ирска од Британија. Извинувањето стигна на 30-годишнината од т.н. крвав петок во 1972 година кога ИРА во Белфаст активира 20 бомби при што настрадаа седум цивили и двајца војници. Во текот на 30 години во акциите на ИРА настрадаа 1.800 луѓе.

2007 – Во земјотрес со сила од 6,8 степени според Рихтер, со епицентар во Јапонското Море, кој го погоди брегот на најголемиот јапонски остров Хоншу, загинаа девет, а повредени беа близу 1.000 луѓето, додека повеќе од 12.000 беа евакуирани.

2008 – Истражниот комитет при Главното обвинителство на Русија соопшти дека резултатите од анализата на ДНК примероците потврдиле дека посмртните останки пронајдени во шума крај Екатеринбург им припаѓале на царот Алексеј и кнегината Марија Романов, потомци на последниот руски цар Николај Втори. Царското семејство беше погубено ноќта меѓу 16 и 17 јули 1918 година во Екатеринбург (во советското време Свердловск) на Урал.

Сподели на Facebook и Twitter