М-р Денис Арсовски: Се што треба да знаете за медицинската масажа

Медицинската масажа може да се издвои како најефикасен и најатрактивен вид на масажа за клиентите, бидејќи користи низа на систематски движења на телото со цел манипулирање на телесните ткива (кожа, поткожно ткиво, мускули и мускулна фасција)

 

Денис Арсовски 

дипломиран физиотерапевт, специјалист по рехабилитација во ортопедија, хирургија и трауматологија, магистер по специјална едукација и рехабилитација кај моторни нарушувања

Многу ретко одредена активност го релаксира телото како добрата и квалитетната масажа. Покрај тоа, масажата е една од најстарите техники која долго време се користи за медицински, релаксирачки и козметички цели. Ваквите релаксирачки и корисни третмани најпрво го освоиле далечниот исток, а потоа се прошириле на запад низ вековите. Масивниот развој на wellness-пазарот доведува до ситуација да се нудат различни видови на масажи, буквално на секој чекор што не е лошо, бидејќи масажата главно се користи поради различните позитивни ефекти што ги има врз нашето тело и дух.

Но, дали погрешниот избор може да има лошо влијание и врз Вашето тело и дух? Одговорот е да, затоа при избор на третман, сепак треба да сте информирани за местото и лицето каде што ќе одите на лекување, како и за видот на масажата и нејзините ефекти.Видовите и техниките на масажи главно се разликуваат во зависност од причината заради која се пристапува, така што постојат разни видови на масажи, како спортска, медицинска, класична или шведска масажа, рефлексотерапија, козметичка и релаксирачка масажа. Доколку покрај основните масла се користат разни есенцијални масла, тогаш зборуваме за ароматерапија.

Медицинската масажа може да се издвои како најефикасен и најатрактивен вид на масажа за клиентите, бидејќи користи низа на систематски движења на телото со цел манипулирање на телесните ткива (кожа, поткожно ткиво, мускули и мускулна фасција). Масажата се изведува со рацете со цел директен или индиректен ефект врз мускулниот и нервниот систем и циркулацијата на крвта и лимфата. Медицинската масажа се применува со цел фокусирање на дијагнозата и проблемот за кое лицето бара лекување. Имајќи предвид дека денес во Македонија терминот медицинска масажа се користи во повеќето различни промотивни сегменти (од козметички салони до алтернативни центри), најпрво треба да се напомене дека кај нас, медицинската масажа ја вршат искучливо физиотерапевти, користејќи го своето знаење за анатомијата и физиологијата на човечкото тело.

Медицинската масажа е одличен начин да се подготват ткивата за примена на техники за мобилизација и манипулација. Овој вид на комбинација носи долгорочни резултати затоа што е насочена кон решавање на причината за проблемот, а не на самиот проблем и е составен дел од планот за третман на рехабилитација.

 

Гмечење – медицинска масажа

Придобивките од медицинската масажа се значајни и како најважни би споменал подобрување на сонот, отстранување на мускулната напнатост и болка, како и заздравување на менталната напнатост и главоболките.

Спиењето претставува природна состојба на променета состојба на свеста (редуцирање на свеста) која наизменично се менува во животот на една личност со состојба на будност. Фазите на спиењето и будноста се менуваат редовно и циклично, односно претставуваат еден од важните биолошки ритми. Општо, спиењето е опишано како состојба на релативен одмор на организмот, а физиолошки се дефинира како состојба на намалена функција на интеграцијата на нервниот систем. За време на спиењето, општата активност е намалена, што значи дека нема реакции на повеќето стимули од околината, намалена активност на скелетните мускули, намалени се голем број на вегетативни функции (пулс, крвен притисок, телесна температура, дишење), при што преовладува парасимпатичката активност, а биопотенцијалите на мозокот се менуваат.

Медицинска масажа – гребенасто триење

Менталната активност за време на спиењето е исто така намалена и значително изменета. Се јавува во форма на повремени соништа. Потребата за спиење зависи од индивидуата. На некои луѓе им треба четири часа сон, додека на други им треба до десет часа сон, но по правило, сонот мора да трае 7-8 часа за телото да влезе во вид на хибернација. Недоволното спиење го попречува нормалното функционирање и го намалува дејството на хормоните ослободени за време на спиењето.

Повеќето жители на индустриските земји страдаат од несоница, недостаток на сон или недоволен сон. Сето ова негативно влијае на физиологијата, го прави телото поподложно на воспаленија и инфекции и ги подобрува рецепторите за болка. Без доволно сон, телото не може да се одмори и да добие шанса да заздрави. Истражувањата сугерираат дека медицинската масажа придонесува за подлабок и поквалитетен сон, особено кај луѓето кои страдаат од болка, како на пример кај лицата кои страдаат од фибромијалгија, а научно е докажано дека медицинската масажа особено позитивно влијае при оваа состојба. Медицинската масажа промовира добар сон затоа што ја ублажува болката и ги релаксира мускулите и умот, односно неколку дена лош сон = почеток на болест, а добрата медицинска масажа = гаранција за здравје.

Медицинската масажа помага при напнати и болни мускули во кои, поради замор, се насобрала млечна киселина. Иако е познат лековитиот ефект на допирот на болните мускули, медицинската масажа исто така постигнува ефикасен аналгетски механизам. Мускулната напнатост е предизвикана и од низа на активности кои бараат заземање на неприродни позиции. Овој вид на напнатост не е само физичка непријатност, туку и ги ослабува менталните способности. Чувството на постојана напнатост, дури и лесната напатост, придонесува за хронични хормонални, биохемиски и невролошки заболувања. Ретикуларното сврзно ткиво што ги обвиткува мускулите, станувајќи погусто и помалку флексибилно негативно влијае на држењето на телото и дишењето. Постојаната мускулна напнатост го попречува протокот на крв  и испорака на хранливи материи до органите и ткивата. Медицинската масажа ја намалува концентрацијата на стресните хормони и ја разбива напнатоста, доведувајќи го телото во состојба на хомеостаза.

Медицинска масажа – праволиниско триење, рацете една врз друга (помошен зафат)

Менталната напнатост, како и онаа во мускулите дефинитивно предизвикува главоболки. Докажан е успехот во примената на медицинската масажа при решавање на главоболките. Со примената на медицинската масажа на болното подрачје, местото кадешто мускулното ткиво е силно контрахирано ги разградува протеините кои се одговорни за грчеви во мускулите. Кога протеините се оддалечени едни од други, клетките и мускулната тензија се релаксираат.

Механизмот со кој медицинската масажа го олеснува чувството на болка се гледа преку теоријата за пренос на сигнали до мозокот. Од болното место, сигналот патува до мозокот преку нервни влакна со мал дијаметар, додека сигналите испратени од масажата патуваат до мозокот преку нервни завршетоци со поголем дијаметар. Бидејќи пошироките влакна пренесуваат сигнали поефикасно од потесните, податоците за медицинската масажа стигнуваат побрзо и поефикасно до мозокот. Всушност, сензацијата на масажата преовладува над чувството на болка. Медицинската масажа при ублажување на болката игра заначајна улога во лекувањето на проблеми со ‘рбетниот столб, при лумбоишијалгии, вертеброгени болни синдроми на ‘рбетниот столб, цервикален, церфико-цефаличен, цервико-брахијален синдром, главоболка, вртоглавиции, парестезии долж екстремитетите итн. Со медицинската масажа се релаксира мускулатурата, ги проширува просторите меѓу пршлените и со тоа го ослободува нервот што е во компресија кој предизвикува болка и парестезии.

Разлика меѓу медицинската масажа и класичната масажа

Медицинска масажа Класична масажа
Здравствена услуга Услуга за лично задоволство и благосостојба
Професионален и високообразован медицински персонал Лице со знаење стекнато од различни курсеви за масажа, претежно без формално медицинско образование
Лицето знае анатомија Лицето не знае анатомија
Лицето ги знае контраиндикациите (знае што не смее да прави) Лицето не ги знае контраиндикациите (не знае што не треба да прави)
Масажата се прави професионално и наменски во согласност со дијагнозата и проблемите на пациентот Генерално масажа без насочени движења
Лицето знае како да го препознае проблемот Лицето тешко го препознава проблемот поради недостаток на стручно образование
Лицето има одредено работно искуство, пракса, обуки во здравствени установи Лицето може да започне со масирање веднаш по завршувањето на курсот за масажа
Лицето по третманот поминува во просек 10 минути по пациент со документација, дискусија и координација за да открие позитивни или негативни реакции Лицето веднаш започнува со масажа и во просек вложува помалку од една минута за да добие повратна информација од клиентот.
Масажата се применува со цел да се реши причината за проблемот и има научна основа Масажата се применува со цел да се отстрани проблемот, но не и причината
Масажата е неопходна од медицински причини Масажата е желба на клиентот
Фокусот на масажата е на функционалните резултати Фокусот на масажата е на задоволството на клиентот
Се користат специјални техники за физиотерапија, како на пример миофасцијални техники и тригер точки ‘’длабоко ткиво’’ Основните техники за масажа се применуваат со цел релаксација
Масажата се прави со масло кое лади и ја храни кожата Масажата се прави со рафинирани масла

 

Индикации за медицинска масажа:

  • Релаксација на целото тело
  • Ублажување на хроничната болка
  • Подобрување на циркулацијата
  • Елиминација на отрови од организмот
  • Намалување на стресот и напетоста
  • Затегнување на кожата
  • Спортски повреди
  • Повреди на меките ткива
  • Дегенеративни ревматски заболувања на зглобовите
  • Дегенеративни ревматски заболувања на ‘рбетниот столб
  • Деформитети на ‘рбетниот столб
  • Вонзглобен ревматизам
  • Кардиоваскуларни заболувања

 

Контраиндикации за медицинска масажа:

  • Артериосклероза
  • Тромбоза
  • Емболија
  • Тешки проширени вени
  • Акутно воспаление на вените
  • Акутни воспаленија
  • Изгореници
  • Гнојни процеси
  • Крварење и склоност кон крварење
  • Висок крвен притисок (доколку не се контролира со лекови)
  • Зголемена телесна температура
  • Осипи на кожата
  • Психијатриски заболувања
  • Целулитис
  • Синовитис
  • Апцес
  • Инфекции на кожата
  • Рак и др.
Сподели на Facebook и Twitter