На денешен ден

1963 - Катастрофален земјотрес го разурна главниот град на Република Македонија – Скопје. Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, 2.900 беа повредени, а беше уништен или оштетен голем дел од станбениот фонд. Веста за земјотресот што го зафати Скопје брзо се рашири низ целиот свет кој покажа голема солидарност.

1858 – Лионел Ротшилд стана првиот Евреин, член на Долниот Дом на британскиот Парламент.

1875 – Роден е швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг. Беше необично плоден и сестран автор, според многумина еден од најзначјаните умови во 20. век. Дела: „Психолошки типови“, „Психологија и религија“, „Симболика на духот“, „Студија за архетипови“, „Алхемиски студии“, „Mysterium coniunctionis“, „Симболи на преобразување“.

1917 – Во Париз умре Едгар Дега, француски сликар, еден од најизразитите претставници на ликовната уметност во 19. век. Изработи низа бакрописи, цртежи и скулптури. Роден е во Париз, на 19 јули 1834 година.

1922 – Роден е американскиот филмски режисер Блејк Едвард, кој најмногу се истакна како автор на „црни комедии“, полни со хумор, цинизам и деструкции. Филмови: „Појадок кај Тифани“, „Експеримент во теророт“, „Што правеше во војната, тато?“, „Пинк Пантер“, „Дарлинг Лили“, „Враќањето на Пинк Пантер“, „Виктор, Викторија“, „Човекот кој ги сакаше жените“.

1926 – Во Софија, умре Крсте Петков Мисирков, македонски национален деец филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, дипломат, револуционер и борец за македонската национална афирмација. Се школуваше во соседните земји и во Русија. Тоа му овозможуваше да ги согледа стремежите на соседните земји кон Македонија и македонскиот народ, но и да ги согледа патиштата за национална слобода на македонскиот народ. Во 1903 година ја издаде книгата „За македонцките работи“, негово фундаментално дело, во кое се истакнува посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Роден е во Постол, Ениџе-Вардарско, Егејска Македонија, на 18 ноември 1874 година.

1928 – Роден е американскиот филмски режисер Стенли Кјубрик, контроверзен автор, со особен стил. Филмови: „Пеколниот портокал“, „Д-р Стрејнџлав“, „Спартак“, „Убивање“, „Патеки на славата“, „Лолита“, „Бери Линдон“, „Широко затворени очи“.

1943 – Роден е англискиот музичар Мик Џегер, основач и пејач на рок групата „Ролингстоунс“.

1946 – Со пресуда на прекиот воен суд на Ениџе-Вардарско, грчките монархофашисти ја стрелаа Мирка Гинова (заедно со уште шестмина другари) истакнат раководител на движењето на отпорот против фашизмот, македонска учителка и партизанка. Таа е првата жена осудена на смрт од еден грчки воен суд, чија пресуда и егзекуција своевремено предизвика широки протести во прогресивната меѓународна јавност. Нејзината херојска смрт е опеана во повеќе македонски народни песни, а напредната грчка поетеса Рита Буми Папа, во својата книга „Илјада стрелани девојки“ посвети посебни стихови за смртта на Мирка Гинова. Таа беше член на Воденскиот окружен комитет на НОФ за Егејска Македонија, прва секретарка на АФЖ на Вардарскиот округ и член на КП на Грција. Родена е во селото Русилово, Воденско, во 1916 година.

1952 – Умре Ева „Евита“ Перон во тој момент несомнено најпопуларна личност во Аргентина, 33-годишната сопруга на претседателот Хуан Перон.

1963 – Катастрофален земјотрес го разурна главниот град на Република Македонија – Скопје. Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, 2.900 беа повредени, а беше уништен или оштетен голем дел од станбениот фонд. Веста за земјотресот што го зафати Скопје брзо се рашири низ целиот свет кој покажа голема солидарност.

1963 – Во Скопје, од последиците на катастрофалниот земјотрес, умре Димитар Пандилов Аврамовски – Зографски, македонски сликар. Академија заврши во Софија во 1924 година. Извесно време престојуваше на постдипломски студии во Париз, во Монпелје и во други места во Франција. Познати му се циклусите „Жетви“, „Железнички станици – вагони“, „Збегови“ и други. Беше ликовен педагог во гимназија и професор на Школата за применета уметност во Скопје. Самостојно излагаше во Монпелје, во Софија и во Скопје. Роден е во селото Тресонче, Гостиварско, на 1 март 1898 година.

1965 – Малдивските острови во Индискиот Океан – британски протекторат од 1887 година, добија независност.

1984 – Умре американскиот статистичар Џорџ Хорас Галуп, директор на „Галуповиот институт“ за испитување на јавното мислење што го основа во 1935 година.

1993 – Во Скопје умре Ацо Ѓорчев, познат македонски актер. Своите најзначајни остварувања ги постигна на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Роден е во Неготино, на 19 септември 1933 година.

1996 – Република Македонија стана потписничка на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства и потписничка на повелбата на Советот на Европа за регионални или малцински јазици.

1996 – Република Македонија и Европската унија потпишаа рамковна спогодба за соработка на Република Македонија со Европската унија.

2006 – Министрите за надворешни работи во Рим на конференција за либанската криза се согласија да формираат меѓународни сили со мандат од страна на Обединетите нации за да се врати мирот во Либан.

Сподели на Facebook и Twitter