Далечната 1992 година започнува приказната наречена ,,Лесновска ликовна колонија“. Од тогаш па се до денес Ликовната колонија прерасна во голема културна манифестација, која денес е препознатлив белег на нашата општина.
Стотици уметници од многу краеви на светот беа дел од Лесновската ликовна колонија, зад себе оставајќи свои дела, кои се дел од богатата збирка на уметнички дела, кои Домот на културата ,,Злетовски рудар“ ги чува грижливо, со гордост изложувајќи ги во скоро сите Домови и центри за култура.
Проектот ,,Meѓународна Лесновска Ликовна колонија 2022“ е избран на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година, од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот.
Главен покровител на „Лесновската Ликовна колонија“ е општина Пробиштип, а организатор е Дом на културата ,,Злетовски рудар“ од Пробиштип.
Оваа година на колонијата учество зедоа 14 учесници, а колонијата се одржа од 28.06.2022 до 03.07.2022 година.
На утрешната изложба ќе може да ги погледнете делата изработени од Дарко Заревски, Ѓоко Антониев, Димитар Димитров, Новица Трајковски, Александар Поповски, Христина Стојчевска, Владимир Темков, Горан Боев, Тони Чатлески, Соња Р. Јовановски, Васил Гаврилов, Бисер Лапев, Десислава Лапева и Наташа Радосавлевиќ
Повелете, ве очекуваме утре во 13:00 часот во салонот во Дом на културата ,,Злетовски Рудар“ Пробиштип.
Дом на култура ,,Злетовски Рудар” – Пробиштип