Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Ако вашата професија е повеќе со седење, правете почести паузи со раздвижување и умерена физичка активност 

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

               ХЕМОРОИДИ   

   Хемороидите се проширени и воспалени крвни садови во и околу анусот и долниот дел на ректумот ( долните делови на дебелото црево ) . 

  Тие се едно од најчестите заболувања кај луѓето што имаат тенденција да рецидивираат ( да се повторуваат ). 

  Дури половина од луѓето во тек на животот ќе се соочат со овој проблем до својата 50та година.  

  Хемороидите се честа појава во текот на бременоста ( зголемен притисок во абдоменот, хормонални промени, запек, зголемување на телесната тежина ), овие хемороиди најчесто исчезнуваат по породувањето.  

  Непријатно чувство во пределот на анусот со болка, силно пецкање, чешање и крварење се знаци на хемороиди кои никако не смеат да се игнорираат. 

  Симптоми на хемороиди: 

  – иритација, чешање, непријатно пецкање околу аналната регија 

  – отеченост околу анусот 

  – израсток во близина на анусот 

  – безболно крварење при празнење на цревата ( дефекација) 

  Дијагнозата се поставува со клинички преглед кој вклучува и ректално туше за да се исклучат посериозни заболувања и понекогаш е потребно да се изврши специјален преглед како ректоскопија. 

  Постојат два вида на хемороиди: 

  – внатрешни, кои се внатре, во долниот дел на ректумот и не се гледаат при надворешен преглед 

  – надворешни, кои се видливи и надвор од анусот 

 Лекување: 

 – користење на креми, масти и чепчиња кои се нанесуваат локално, постои голем асортиман на креми и други препарати и затоа треба задолжителна консултација со вашиот матичен доктор околу изборот на терапијата 

  Сапуни, шампон и други средства за туширање можат само дополнително да ги иритираат хемороидите. 

 Истото се однесува и на влажните марамчиња, па затоа треба да се избегнуваат кога веќе се појавени хемороидите. 

 Хигиената одржувајте ја со туширање и миење со топла до млака вода.  

  Не користете сува тоалетна хартија, областа нежно избришете ја со чиста крпа со тапкање. 

  Внасете промени во исхраната и животниот стил: 

  – се препорачува исхрана која вклучува повеќе свежо овошје, зеленчук и житарки богати со растителни влакна 

  – пијте многу течности 

 – избегнувајте долго седење и бидете физички активни. Ако вашата професија е повеќе со седење, правете почести паузи со раздвижување и умерена физичка активност 

  – не кревајте често тешки предмети 

  – избегнувајте лута храна 

  – не пијте често газирани сокови 

Ако крварењето е често, имате анемија или сте повозрасни, потребно е да се направат дополнителни иследувања како што е колоноскопија.  

Сподели на Facebook и Twitter