Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Превентивно треба да се пијат поголеми количини на течности, а во зависност од составот на измокрените каменчиња треба да се внимава на исхраната.

  Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

КАМЕНЧИЊА ВО БУБРЕЗИТЕ (НЕФРОЛИТИЈАЗА) 

 

Нефролитијаза е болест која се карактеризира со присуство и создавање на песок, каменчиња или камења во бубрезите. 

Ова заболување е многу често. Мажите се три пати поподложни на камења во бубрезите отколку жените. 

Каменчињата во бубрезите можат да бидат со различна големина и со различен состав. 

По состав се разликуваат: 

– калциумови каменчиња, најзастапени од сите видови и се делат на: 

            – калциум оксалатни, се најчести и се јавуваат при ниско ниво на Ph на урината, при високи концентрации на калциум и оксалати во урината 

            – калциум фосфатни, тие најчесто се јавуваат при зголемена концентрација на калциум во урината и зголемен Ph (алкална) урина 

– цистински камења, се најретки и се јавуваат како резултат на генетско, наследно заболување 

– урични каменчиња, се јавуваат при зголемена концентрација на урична киселина во урината 

– струвитни каменчиња, се јавуваат како резултат на чести инфекции на уринарниот тракт 

Симптоми на нефролитијаза: 

– силна болка колика 

Ова е најчестиот симптом на камења во бубрезите, може да биде со различен интензитет и времетраење. Се јавува по бочната страна помеѓу ребрата и колковите, а може да се шири во долниот дел на стомакот и ингвинално. Бубрежната болка (колика) е една од најсилните болки, по интензитет веднаш по породилните болки 

– крв во урината (хематурија) 

Најчесто кога почнат болките истите се придружени со појава на крв во урината и бојата се менува од розова до чисто црвена. 

– често и болно мокрење  

– исфрлање на ситни каменчиња 

– гадење, повраќање 

Голем број на луѓе со камења во бубрезите немаат никакви симптоми дури и кога камењата се присутни со години. 

Дијагнозата се поставува со анамнеза, преглед и одредени испитувања: ехотомографија, рентген, лабораториски анализи, а поретко и посложени испитувања. 

Терапијата на бубрежната болка е со примена на лекови како аналгетици, спазмолитици, а ако постои инфекција и антибиотици. 

Каменчињата до 4-5мм најчесто излегуваат спонтано со измокрување, додека поголемите ако ја загрозат бубрежната функција или нема смирување на болките се отсрануваат со литотрипсија (кршење на каменчињата) или во краен случај со хируршка интервенција. 

Превентивно треба да се пијат поголеми количини на течности, а во зависност од составот на измокрените каменчиња треба да се внимава на исхраната. Кај калциумовите оксалатни каменчиња треба да се намали внесот на млеко и млечни производи, спанаќ, ореви, коприва, грозје, брокула, какао, чоколада и др. 

Сподели на Facebook и Twitter