Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
ХРОНИЧЕН ЗАМОР
Синдромот на хроничен замор е комплексно пореметување за кое е карактеристичен изразен замор кој не се намалува со одморање, а се зголемува со физичка и ментална активност и се одликува со присуство на различни, неспецифични симптоми.
Хроничниот замор се карактеризира со следните симптоми:
- трае 6 или повеќе месеци
- не е резултат на моментален напор
- не се подoбрува и намалува со одморање
- мускулни болки
- главоболки
- неквалитетен сон
- намалена концентрација
- пореметени меморија и конгитивни функции
Карактеристично е што овие симптоми не исчезнуваат по редовен и квалитетен сон, по кој би требало да се чувствуваме одморени и без некои од горенаведените симптоми.
Може да се јави во било која возраст, а најчесто е меѓу 40-60 години и тоа почесто кај жените.
И покрај многубројните истражувања, синдромот на хроничен замор е сеуште енигма за науката и не се утврдени точните причини за неговата појава.
Се прeтпоставува дека има комплексна интеракција помеѓу имунолошкиот, ендокриниот и нервниот систем, особено како реакција на минати инфекции.
Се прават многу истражувања, а најмногу се оди во правец на постковид реакција со подолго траење. Лицата што прележале Ковид инфекција, особено со првите соеви, имаат поголема зачестеност на појава на синдромот на хроничен замор.
Голема улога во појавата на овој синдром имаат и генетските фактори.
Не постојат конкретни дијагностички испитувања кои би ја потврдиле дијагнозата на хроничен замор.
Потребно е да бидат исполнети два критериуми:
-да трае повеќе од 6 месеци
-да има најмалку 4 од горенаведените симптоми
Не постои единствена терапија за синдромот на хроничен замор. Бидејки причината е непозната, третманот треба да биде усмерен на намалување на симптомите. Освен медикаментозната терапија се препорачува промена на животниот стил со адекватна исхрана, умерена физичка активност, редовен и квалитетен сон.
Повремено се препорачува физикална терапија.
Постојат психотерапии ( бихејвиорално-конгитивна) со кои се применуваат тренинзи за самоефикасност, самоконтрола и самоиструкции, со кои полесно се справува со постоечките симптоми.