Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

  Кај голем процент, повеќе од 90%, болеста поминува лесно, безопасно и без компликации.

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

 ИНФЕКТИВНА МОНОНУКЛЕОЗА 

( БОЛЕСТ НА БАКНУВАЊЕ, KISS DISEASE ) 

Инфективната мононуклеоза е предизвикана од вирусот Епштајн-Бар, кој припаѓа на семејството на Херпес вируси. 

Дефиниција: 

Акутна болест која се манифестира со покачена температура, воспаление на грлото, зголемени лимфни јазли и замор. 

Болеста се шири преку плунката на заразената личност. Затоа бакнувањето и контактот со рацете или играчките кои се натопени со заразената плунка се најчест начин на ширење на болеста. 

Многу луѓе се изложени на вирусот Епштајн-Бар ( ЕБВ ), но само мал дел од нив ќе развие симптоми на инфективна мононуклеоза. 

Се претпоставува дека дури 50% од децата до својата петта година имале инфекција со ЕБВ, но повеќе од 90% поминуваат без никакви симптоми. Кога инфекцијата за прв пат е кај адолесценти ( ученици, студенти) таа најчесто е со појава на симптоми. 

Симптоми: 

Симптомите се јавуваат 4-6 недели од контактот. 

– температура која најчесто е 38-39.5 степени и тоа особено поладне и навечер 

– замор, кој е постојан 

-силно воспаление на грлото, кое понекогаш е со бели налепи и наликува на стрептококна гнојна ангина 

-зголемени лимфни јазли на вратот 

-понекогаш има зголемување на црниот дроб и слезинката 

-појава на ситен осип 

Симптомите можат да траат од една до неколку недели. 

Дијагноза: 

Дијагнозата на болеста ќе ја постави вашиот матичен доктор врз база на темелна анамнеза за појавата на симптомите, опсежен клинички преглед со помош на одредени лабораториски анализи, со кои ќе се потврди присуството на болеста. 

Лекување: 

Главна цел на лекувањето е да се олеснат симптомите. Специфичен лек не постои, затоа се препорачува: 

-одмор 

-земање на многу течности 

-пастели за ублажување на болката во грлото 

-антипиретици ( Парацетамол, Ибопруфен)  

– кортикостероидна терапија , само кај компликациите 

Прогноза: 

Кај голем процент, повеќе од 90%, болеста поминува лесно, безопасно и без компликации. Заморот по болеста се чувствува подолго време. Ретки компликации можат да се појават, особено кај лица над 30 години и тоа како хематолошки крвни компликации, руптура ( прскање на слезината- затоа професионалните спортисти имаат подолг период на рехабилитација), воспаление на срцевиот мускул.  

Сподели на Facebook и Twitter