Денес е БАДНИК

Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна.

Бадник или Коледе  е денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според јулијанскиот календар, по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 Јануари секоја година, а Божиќ на 7 Јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање.

Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера. Бадниковата вечера се одвива во кругот на семејството и се состои од посни јадења.

Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна. Бадник го означува крајот на 40-дневните божиќни пости. Домаќинките приготвуваат тавче-гравче, риба, сарма, питулици, компири, а ставаат и овошје за трпезата да биде побогата.

Обичаите се разликуваат во зависност од местото, но речиси на секоја трпеза присуствува домашна погача, лепче или популарно нареченото кравајче, во кое се става паричка. Домаќинот на куќата откако ќе се прекрсти го разделува лепчето на членовите на семејството, но притоа остава едно парче за Бога и едно за куќата. Се верува дека оној кој што ќе ја пронајде паричката ќе го прати здравје, среќа и успех во годината што претстои.

По вечерата, храната не се трга од масата, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани. Некои пак ја оставаат храната затоа што веруваат дека ќе дојдат духовите на оние кои повеќе не се меѓу нас

Сподели на Facebook и Twitter