КАРЦИНОМ НА ГРЛОТО НА МАТКАТА

Овој тип на карциноми е единствен во човековиот организам кој може да се предвиди и открие во фаза во која е 100% излечив, за разлика од другите карциноми каде и првите симптоми се знак за веќе напредната болест. 

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

КАРЦИНОМ НА ГРЛОТО НА МАТКАТА 

 Неделата посветена на борба против карциномот на грлото на матката е добар повод да се потсетиме на оваа болест. Вообичаено кога ќе се спомне карцином на матка, обично се мисли на карцином на грлото на матката за кој пациентките и најмногу се информирани, па ретко која жена да не знае или да нема слушнато за постоењето на ПАП тест, кој е клучен за навремено откривање на карциномот. 

Еве некои статистички податоци: 

Во Македонија годишно од овој карцином заболуваат околу 150 жени, а битката со болеста ја губат околу 50. Најчесто се јавува во периодот од 40-54 години, но не значи дека не се јавува пред и по таа возраст. 

Овој карцином е втор по зачестеност кај жената, веднаш по карциномот на дојката, а темата со право е една од најексплоатираните теми во здравствено образовните емисии и советувања од една значајна причина, а тоа е дека овој тип на карциноми е единствен во човековиот организам кој може да се предвиди и открие во фаза во која е 100% излечив, за разлика од другите карциноми каде и првите симптоми се знак за веќе напредната болест. 

Причинител на болеста е скоро секогаш ХПВ (хумано папилома вирус), во 99,7% од случаите тој може да предизвика и рак на анусот, на пенисот и на јазикот. 

За ХПВ ќе зборуваме во наредната тема, бидејќи  е комплексен проблем и е клучен за превенција од болеста. 

За жал и денес во руралните средини може да се видат карциноми на грлото на матката во напредната фаза пропратени со крварења и болки, кои можат да се спречат со редовни прегледи кога воопшто нема симптоми. 

Дијагнозата се поставува со редовни скринзи кај гинеколог што значи годишни прегледи првите три години, а потоа на три години, во колку се резултатите негативни. 

Во светот се повеќе се практикува ПАП и ХПВ типизација, како скрининг кој е пософистициран, а во Македонија засега скринингот се состои од ПАП тестирање кој е 50-80% сигурно.  

Терапијата во лекувањето на вирусот е ласерско отстранување на промените на грлото на матката или пак хируршки третман со зрачење и цитостатици. 

Значи РЕДОВНИ гинеколошки контроли се предуслов за рано откривање и 100% излекување од оваа болест. Во некој следен текст ќе се осврнам на ХПВ причинителот, некои предрасуди околу оваа инфекција и вакцинацијата против истата.  

Сподели на Facebook и Twitter