Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Кога веќе е појавена помасовна инфекција со лесно ширење потребно е да се избегнуваат групирања во затворени простории и носење на заштитна маска. 

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

ГРИП 

Сега е актуелен момент да напишам нешто за грипот, бидејќи се наоѓаме во период со зголемен број на инфицирани и болни од грип. 

Грипот е болест предизвикана од вирус кој на латински се нарекува ИНФЛУЕНЦА. 

Инфлуенцата е вирусно, пандемично, респираторно заболување, со висока стапка на разболување и мал процент на смртни случаи кај луѓето. 

Оваа заразна болест е присутна со векови. Ретко постои некое  заболување кое предизвикува толку голема стапка на отсуство од работа, медицински консултации, болнички престои, смртност и економски загуби се до короната, која го надмина. 

Досега низ историјата регистрирани се повеќе пандемии, од кои најпозната и најсмртоносна е пандемијата од 1918-1920год. Т.н. шпански грип, кој почнал во Америка и однел помеѓу 20-40 милиони животи.  

Постојат повеќе вируси на инфлуенца, а кај човекот најчесто се предизвикани од типот А, кој пак има стотици поттипови кои се менуваат секоја година, но даваат иста клиничка слика. 

 Вирусот се пренесува од болен човек на друг по пат на капки исфрлени во воздухот преку кивање или кашлање.  

Појавата на симптомите е нагла, со системски карактеристики како слабост, студ, треска, главоболка, губење апетит, болки во мускули и можна вртоглавица. 

 Покачена температура од 38-40 степени е најзабележителен и најпостојан знак на болеста и трае 1-5 дена. Други рани симптоми се: болка во грло, непродуктивна кашлица, солзење, болка во очните јаболка, болки во мускулите и главоболка. Течење од носот се јавува 3,4 дена од почетокот на болеста.  

Сите овие симптоми се знаци и обично траат 3-5 дена, иако кашлицата и малаксаноста можат да траат и до две недели. 

Кај децата може да биде малку поразлична клиничката слика и да се појави поспаност, гастроинтестинални симптоми како гадење, повраќање, стомачна болка, пролив. Кај нив може исто така да се појави и воспалување на увото, појава на грчеви од високата температура. 

Како последица од грипот се јавуваат компликации како бронхитис, пневмомија и др. 

Најчесто болеста поминува сама од себе. Како терапијата во почеток се даваат антипиретици (ПАРАЦЕТАМОЛ и УБУПРУФЕН), витамини, внес на многу течности и одмор. 

Ретко има потреба кај ризичните групи да се аплицираат антивирусни лекови. 

При појава на бактериски компликации се даваат антибиотици. 

Најдобра превенција од разболување е примање на вакцина против грип, која е достапна секоја година во есенските месеци. 

Кога веќе е појавена помасовна инфекција со лесно ширење потребно е да се избегнуваат групирања во затворени простории и носење на заштитна маска. 

Сподели на Facebook и Twitter