„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Се надевам дека ќе уживате како активни учесници во оваа наша заедничка авантура…

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

Секое современо општество од секој поединец бара правилно усно и писмено изразување, односно правилно зборување и пишување. За човек што се придржува до нормите и правилата на својот мајчин, стандарден јазик, се вели дека поседува јазична култура. Таа се согледува во правилната примена на граматичките и правописните правила на литературниот или стандарден јазик и во богатството на речникот, изразот и  стилот. Во таа насока важно е да споменеме дека Правописот е eден од условите за добра писменост и особено важно помагало за сите корисници на литературниот јазик. Во него јазичната проблематика се регулира врз основа на еднакви принципи за сите говорители, независно од дијалектот на кој му припаѓаат и на нивните лични предиспозиции. Иако дијалектите претставуваат богатство и разновидност на еден јазик, тие се употребуваат само разговорно, во усното општење меѓу соговорниците, а многу ретко во писменото изразување и тоа секогаш со одредена намена. Стандардниот литературен јазик треба и мора да се употребува во сите сфери на општественото дејствување.

Денес, сведоци сме на сè поголемо присуство на правописни грешки во писменото изразување како кај учениците така и кај возрасните лица. Искуствата од наставната практика и резултатите од многубројните истражувања, реализирани во минатото и сега, укажуваат на незадоволително ниво на јазична писменост кај сите возрасти и се’ поголемо присуство на правописни грешки, особено во време кога имаме буквално бомбардирање со информации и тоа најмногу на социјалните мрежи. Овде грешките најчесто се јавуваат и поради динамиката која е својствена за овој вид медиумска информираност, брзината на реакција од страна на корисниците на самите објави кои ги читаат или недоволно посветеното внимание на она што самите го објавуваат. Ова особено се однесува на оние објави кои на социјалните мрежи се напишани на латиница од страна на корисниците чие писмо е нашата македонска кирилица. За објавите кои се напишани на јазик кој е различен од македонскиот стандарден јазик, а постои опција каде автоматски се дава преводот, нема да зборуваме бидејќи не се предмет на овој наш проект.

Со мали, кратки и целисходни укажувања, на сликовит начин и со примери, ќе се обидам добронамерно да им ги претставам на читателите најчестите правописни и граматички грешки кои се прават, особено на социјалните мрежи, а воедно на овој начин и да делувам едукативно во насока на потсетување за доследна употреба на правописните правила кои многумина ги имаат подзаборавено. Се надевам дека ќе уживате како активни учесници во оваа наша заедничка авантура…

 

Сподели на Facebook и Twitter