„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Нека ви пролетаат убави мисли и со насмевка на лицето да и’ посакаме добредојде на пролетта.

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

ПРОЛЕТТА или ПРОЛЕТА?

Утре е 21 март, денот кога и календарски, тивко, нечујно, величествено пристигнува пролетта. Таа фасцинира со својата убавина и со себе носи инспирација, доверба, надеж, инстинкт. Пролетта со својата магија ја буди природата, затоа се смета за симбол на нов живот, нов почеток, буди восклик, радост, надеж и енергија. Сончевите денови пристигнуваат, насмевките и доброто расположение сé почесто сe присутни на лицата на возрасните и на децата. По зимската тишина, пролетта носи многу радосни звуци, а наоколу струи волшебниот мирис на свежо косена трева и цвеќиња кој нé мами и колку повеќе го вдишуваме толку сме помоќни, посреќни. Убаво нели? Да, но можеби ќе ви биде чудно што во овој текст кој симболично го најавува годишното време кое настапува после зимата среќаваме збор кој во себе содржи две исти букви една до друга.

Да, зборот ПРОЛЕТТА правописно се пишува со две Т бидејќи самиот збор ПРОЛЕТ е именка која завршува на согласката Т и кога ја членуваме со наставката –ТА која служи за определеност или членување на именките во женски род, овој збор се пишува ПРОЛЕТТА. Многумина грешат при пишувањето бидејќи при изговор се слуша како да има само една буква Т, но тоа е погрешно бидејќи зборот ПРОЛЕТА значи дека нешто поминало пред нас, пред нашите очи, а не се однесува на годишното време.

Еве неколку примери за да можеме полесно да ја воочиме разликата меѓу овие два збора и да се потсетиме на уште едно правописно правило:

-Годинава пролетта задоцни.

-Топењето на снеговите ја најавува пролетта.

– Може ли со зборови да се опише мирисот и вкусот на пролетта?

-Една пеперутка пролета во градината.

-Меѓу дрвјата пролета був.

-Пролета годината.

-Автомобилот пролета покрај нас со огромна брзина.

Драги мои утре нека ви пролетаат убави мисли и со насмевка на лицето да и’ посакаме добредојде на пролетта.

Сподели на Facebook и Twitter