Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Најважна е превенцијата во спречување на појавата на декубитус. 

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

ДЕКУБИТУС 

 Декубитус претставува локализирана рана на кожата и/или поткожните ткива.Најчесто се развива над коскените истакнувања и е предизвикан од притисок или од комбинација на притисок и свлекување. 

Се создава како резултат на лоша циркулација и исхрана на тие делови. 

Притисок: 

– декубитусот се јавува кога еден дел од кожата е изложен на голем притисок кратко време, или на послаб притисок подолго време 

– притисокот ја намалува циркулацијата на тој дел, а со тоа и исхраната на ткивото па поради тоа кожата и подкожните ткива почнуваат да изумираат создавајќи рана. 

Свлекување: 

– настанува кога горниот дел на пациентот е подигнат, кожата на грбот е прилепена на креветот, душекот и чаршафот, а другите подлабоки делови и коските се свлекуваат надолу, крвните садови се вклештуваат при што доаѓа до нарушување на циркулацијата. 

Постојат повеќе стадиуми на декубитус: 

  1. кога има само црвенило на кожата без нејзино оштетување
  2. делумно губење на кожата со зафаќање на површинскиот слој на кожата
  3. губење на кожа, со оштетување и некроза на поткожното масно ткиво се до површината на мускулите
  4. комплетно губење на кожа, поткожно масно ткиво и некроза и оштетување на мускулите и коските.

Декубитус се јавува најчесто кај следните лица: 

– неподвижни лица, кои долго време поминуваат во кревет или количка 

– кога има тешка и исцрпувачка болест 

– ако не може да се движи без туѓа помош 

– ако не ја задржува урината 

– по хируршка интервенција 

– ако не чувствува болка (кај мозочен удар, повреди на р’бет) 

– кај постари лица (ослабена циркулација, потенка кожа, помалку поткожно масно ткиво, послабо движење) 

Како да се превенира, спречи декубитус: 

– еднаш дневно да се контролираат местата изложени на декубитус 

– користење декубитални креми за превенција 

– користење крема за масажа на телото 

– менувајте ја позицијата на телото на секои два часа, деноноќно 

– користење анти декубитални и анатомски подлоги 

– користење анти декубитални перници и душеци 

– заштита на лактите и петите 

Кога веќе е појавен декубитус треба: 

– раната да се чисти со вода и физиолошки раствор, да не се употребуваат хидроген и јод 

– да се користат специјални преврски (хидроколоидни, алгинатни) 

Најважна е превенцијата во спречување на појавата на декубитус. 

Сподели на Facebook и Twitter