ДИСФУНКЦИОНАЛНО КРВАРЕЊЕ ОД МАТКАТА

Дисфункционално крварење е крварење кое се појавува во неправилни интервали и е непредвидливо по интензитет и траење.

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

   ДИСФУНКЦИОНАЛНО КРВАРЕЊЕ ОД МАТКАТА 

Ќе повторам како потсетување, што е нормално менструално крварење: – Крварењето кое се јавува на секои 23-35 дена, кое трае најмногу 7 дена и кое не е обилно, односно не е со коагулуми (згрутчена крв) или не предизвикува анемија. 

Што е дисфункционално крварење : –  Крварење кое се појавува во неправилни интервали и е непредвидливо по интензитет и траење.  

Секое вакво пореметено крварење изискува посета на гинеколог, како би се утврдило дали крварењето е од грлото на матката или мочниот меур.  

Основата на секое дисфункционално крварење е пореметување на оваријалните хормони и најчесто се јавува во првите години по појавата на менструација или во периодот околу менопаузата, како резултат на незрелост/ стареење на овариумите и центрите кои ги регулираат лачењето на оваријалните хормони, како и поради стрес или болест. 

Дисфункционалните крварења обично се безболни и успешно се контролираат со хормонална терапија . Доколку хормоналната терапија не дава резултати, индицирана е експлоративна киретажа, која се користи во дијагностички цели за утврдување дали станува збор за обично задебелување на слузницата на матката или пак за карцином на слузницата. Во ретки случаи киретажата е тераписка процедура, односно итно прекинување на крварењето. 

Да заклучиме, дисфункционалното крваење од матката само по себе не е сериозна болест и скоро секоја жена во одреден период во животот се среќава со ова пореметување. Но како би се следела состојбата и би се исклучиле евентуални сериозни заболувања, посетата на гинеколог е неопходна.  

Сподели на Facebook и Twitter