Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Фебрилните конвулзии во повеќето случаи имаат добра прогноза особено едноставните. Кај комплексните е потребно прегледи и контроли од невропедијатар и соодветна антиепилептична терапија. 

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

ФЕБРИЛНИ КОНВУЛЗИИ  

(ГРЧЕВИ ПРИ ПОКАЧЕНА ТЕМПЕРАТУРА) 

 Фебрилните конвулзии настануваат при покачена температура, во текот на инфекции кои примарно не го зафаќаат централниот нервен систем. Се јавуваат исклучиво во детска возраст и тоа најчесто помеѓу 6 месеци и 6 години. Почести се кај машките деца. 

Фебрилните конвулзии обично не предизвикуваат долгорочни штетни последици , оштетување на мозокот или проблеми со учењето. 

Причинита за појавата на фебрилните конвулзии е сеуште непозната. Генетските фактори имаат значајна улога и се јавуваат почесто во иста фамилија. 

Најчести предизвикувачи на температурата при која се јавуваат фебрилните конвулзии се вирусни инфекции на горните дишни патишта. 

Конвулзиите можат да настанат при нагло покачување на температурата, за време на високата температура, но и при нагло брзо паѓање на температурата. 

Клиничка слика на фебрилните конвулзии (грчеви): 

– можат да бидат едноставни (типични) и комплексни (атипични) 

Едноставни фебрилни конвулзии: 

– најчесто се манифестираат како генерализирани – голем напад во кој детето ги врти и фиксира очните јаболка во една страна, ја губи свеста, прави брзи движења (трзаи) со рацете и нозете, најчесто со крчење, помодрување околу устата, со подолги паузи кога детето не дише. 

– траат пократко од 15 минути 

– се јавуваат при температура повисока од 38,5 степени 

– најчесто еден напад во 24 часа во акутна болест 

– невролошкиот статус по нападот е уреден 

– најчесто фамилијарната анамнеза е неоптеретена 

Комплексни фебрилни конвулзии: 

– најчесто се манифестираат како еднострани напади со трзаи на екстремитетите, но може и генерализиран напад 

– појавата е обично пред 6 месеци возраст 

– траат подолго од 15 минути 

– се јавуваат и при температури пониски од 38 степени 

– најчесто има повеќе напади за време на истата акутна болест 

– постои фамилијарна оптеретеност 

– често постојат и други невролошки оптеретувања 

Многу е важно да се знаат постапките кои треба да се преземат во тек на нападот. Тоа најчесто го прават родителите. Иако сликата изгледа драматична (како да умира детето) најчесто грчевите поминуваат сами за неколку минути. 

За време на нападот треба: 

– детето да се стави веднаш во странична положба 

– не треба насилно да се отвора устата или да се ставаат цврсти предмети во неа 

– детето да не се тресе или полива со вода  

– да се повика итна медицинска помош 

– ако се има да се стави чепче против температура 

– ако е повторен напад родителите обично имаат и ставаат чепче Диазепам 

Фебрилните конвулзии во повеќето случаи имаат добра прогноза особено едноставните. Кај комплексните е потребно прегледи и контроли од невропедијатар и соодветна антиепилептична терапија. 

Сподели на Facebook и Twitter