Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
ТУЃО ТЕЛО ВО ДИШНИ ПАТИШТА
Туѓо тело во дишните патишта е состојба која најчесто се случува во детската возраст и тоа од 1-3 години, а поретко кај возрасни.Во првата година кај децата се јавува поретко бидејќи тие не одат, јадат кашеста храна и поретко доаѓаат во контакт со ситни предмети.
Присуството на туѓо тело во дишните патишта предизвикува отежнато дишење, а за кратко време може да дојде и до смртен исход, во зависност од големината и природата на туѓото тело.
Туѓото тело во долните дишни патишта доаѓа по пат на аспирација. Таа најчесто е случајна, несакана, во време на игра, при јадење, смеење, кашлица…кога туѓото тело е присутно во устата.
Невниманието и незнаењето на детето, а и на родителите, многу допринесува за ваквата аспирација.
Страните тела најчесто се надворешни, егзогени, и се аспирираат од надворешната средина. Можат да бидат неоргански, органски и живи.
Неоргански се:
- метални ( игли, шајки, топчиња)
- неметални ( копчиња, делови од играчки и др.)
Органски :
- тие се најчести ( кикиритки, семки, сончоглед, ореви, бадеми, лешници, грав, зрна кафе о слични зрнести плодови)
Живи:
– тие се поретки ( пчели, оси и други инсекти)
Клиничка слика:
- податоците најчесто се добиваат хетероанамнестички и често може да бидат несигурни, но никогаш не треба да се игнорира сомнежот за присуство на туѓо тело. Првиот манифестен стадиум се случува во моментот на самата аспирација и се карактеризира со кашлица, гушење, помодрување, психомоторен немир, повраќање, понекогаш губење на свест, измокрување
– ако не дојде до фатален исход може да дојде до мало смирување на симптомите ( латентен период) за потоа да се јават компликациите од присуството на туѓото тело
Многу е важно да се знае како да му се помогне на лицето да го исфрли туѓото тело и со тоа потенцијално да му се спаси животот.
Ако лицето е свесно, се поттикнува да кашла и искашлува, а ако тоа не даде резултат се пристапува кон т.н. Хајмлихов зафат , при кој се приоѓа од грб, лицето со рацете се опфаќа под градната коска и се прави силен стисок, како удар, повеќе пати.
Постои уште еден зафат при кој меѓу лопаткита на грбот се удира неколку пати силно.
Најдобро е ако може што побргу да се транспортира во соодветна здравствена установа каде по поставување на дијагнозата би се направила бронхоскопија и би се извадило туѓото тело од дишните патишта.
Затоа ги советувам сите родители, да на деца до најмалку 6 години не им даваат да јадат зрнести плодови кои се наведени погоре, бидејќи некогаш можат да доведат до исклучително сериозна состојба.