Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
УБОДИ ОД КРЛЕЖ
Крлежите се пајаковидни инсекти кои живеат во тревите и ниските жбунести растенија и се хранат со крв од разни животни, домашни миленици и човекот.Тие немаат крилја, не летаат, полека се движат по растенијата и се прикачуваат на кожата на домаќинот.
Постајат стотици врсти на крлежи, а поделени се на меки и тврди.
Тврдите се поопасни и некои од нив можат да бидат заразени и да пренесуваат инфективни болести, од кои најчеста е Борелиозата, односно Лајмската болест.
Превентивна заштита од крлежи:
- Да се облече соодветна облека за престој во природа (долги ракави, ногавиците ставени во чорапите, затворени обувки)
- Избегнувајте облека со темна боја за полесно да се забележат
- Одете по обележани патеки
- По враќање дома преоблечете се и прегледајте си го телото или телото на детето кое било во природа
- Истуширајте се по враќањето од природа
Ако веќе приметите дека имате крлеж забоден во вашата кожа, најдобро е да се обратите на стручно медицинско лице кое правилно ќе знае да го отстрани.Треба да се отстрани што побргу затоа што ризикот од инфекција е многу поголем ако подолго крлежот е забоден во кожата.
Крлежот не треба да се премачкува со ништо (алкохол, креми, масла, лак за нокти, бензин и сл.) ниту да се гори или да се стиска затоа што со овие постапки го стимулираме да се грчи и да ги исфрла секретите во крвта ширејќи ја инфекцијата.
Тој се отстранува со пинцета со фаќање што поблиску до кожата и лесно се повлекува нагоре за да не се истиснат секретите во крвта.
Ако стои подолго, во околината на убодот се јавува црвенило, оток, јадеж и понекогаш болка.
Знаци и симптоми на Лајмска болест:
– тие можат да се јават од една недела до еден месец по убодот од крлеж
– најчесто за крлежот да ја пренесе болеста треба да е прикрпен од 36-48 часа
– прв знак на инфекција е локалното црвенило околу убодот кој се шири како круг
– се јавува општа слабост, замор, треска, покачена температура, главоболка, болки во мускули и зглобови, отекување на лимфните жлезди на вратот
– по еден до три месеци може да се јави осип, црвенило околу убодот или на други места (еритема мигранс)
Лајмската болест е сериозна хронична болест која може да трае со години ако не се лекува. За среќа многу мал број на крлежи се заразени со Борелија па оваа болест е многу ретка.
Затоа ве советувам да ги почитувате препораките за движење во природа и ако приметите дека ви се закачил крлеж што побргу јавете се во здравствена установа.