РАН СПОНТАН АБОРТУС

Ако жената имала еден спонтан абортус за следната планирана бременост не треба да прави никакви специјални прегледи освен обичен рутински гинеколошки преглед.

 

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

Секоја трета бременост што резултира со нормално раѓање има крварење во првите три месеци.Секоја трета бременост завршува со губење на плодот односно абортус во првите три месеци.Ова укажува на еден од поголемите проблеми во бременоста, а тоа е раниот спонтан абортус.Во продолжение ќе направиме анализа на оваа појава. 

Ако дојде до абортус до 12та недела ја дефинираме како ран абортус.Секоја 10та бременост која е видлива со ехо преглед завршува со абортус. 

Ако се додадат уште 10% на абортуси кои се случуваат кај бременостите кои се дијагностицираат преку крвни анализи, а се многу рани да се детектираат со прегледи,  

плус 10% абортуси за кои жената не е ни свесна дека била бремена. 

Инаку раните абортуси се: 

– комплетни, а поретко некомплетни при што е потребна интервенција 

– неизбежни бидејќи грлото на матката е веќе отворено, а плодот го напушта просторот на матката 

– рана интраутерина смрт на оформениот плод со престанок на срцева акција 

– таканаречена глува бременост при што се создава постелка и плодова вода, а отсуствува плодот 

Причинители за ран абортус се: 

– генетски аномалии на плодот 

– системски болести на трудницата 

– аномалии на матката 

– трауми и несреќи 

– вагинални инфекции 

– рентгенско зрачње 

– космичко зрачење 

– загадена животна средина и др. 

Инаку во 80% од раните абортуси причина е абнормалност на хромозомите што на некој начин претставува природна селекција кон здравите бремености. 

Постојат и други фактори кои придонесуваат за ран абортус, како возраста на пациентката и непридржување кон систематски контроли. 

Лечењето е многу ограничено, бидејќи станува збор за абнормални плодови, а се применува по детектирање на жив плод и по утврдување на причинителот. 

Она што најмногу ги загрижува пациентите е дали во иднина ќе имаат уредна бременост. 

Одговорот на ова прашање е охрабрувачки бидејќи тие пациентки имаат скоро исти шанси за нормална бременост како и останатите.  

Да напоменам дека и хормоналната терапија е скоро непотребна иако советуваме ваква терапија во неможност на алтернатива. 

Народски кажано кај многу бремености „Господ помага“ , па така секоја трета успешна бременост има крварење во првото тромесечје. 

И за крај што после спонтан абортус? 

Ако жената имала еден спонтан абортус за следната планирана бременост не треба да прави никакви специјални прегледи освен обичен рутински гинеколошки преглед. По втор ран абортус сепак се потребни некои подетални анализи кои ќе ги препорача докторот. 

Сподели на Facebook и Twitter