ГИНЕКОЛОШКИ ПРЕГЛЕД 

За пациентките кои би сакале да прават контролен тест секоја година, тој ќе се наплаќа по 600 денари од лабораториите кои ги анализираат тестовите

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

ГИНЕКОЛОШКИ ПРЕГЛЕД 

 Во текстот што следи ќе објасниме што претставува гинеколошкиот преглед, како изгледа процедурата, кога прв пат треба да се направи, а и колку често. 

Не постои универзална возраст за прв гинеколошки преглед. Ние гинеколозите препорачуваме тој да се направи неколку месеци по отпочнување со сексуална активност, а не подолго од три години, бидејќи стапувањето во полни односи значи и полова зрелост, а половата зрелост значи грижа за сопственото здравје. 

Кај пациентки кои не се полово активни, а имаат гинеколошки проблеми поврзани со пореметени крварења, болки и слично, не правиме класичен гинеколошки преглед туку само ехо преглед. 

Колку често треба да се прави гинеколошкиот преглед? 

За повеќето пациентки познато е дека тоа е еднаш годишно, доколку последниот преглед бил уреден. Но, ако меѓу овој интервал се јави некаков проблем тоа е услов за вонреден гинеколошки преглед.Кај пациентки над 30 години, гинеколошкиот преглед може да биде на една до две години, а кај пациентките над 50 години прегледот може да биде на три години. 

Што подразбира гинеколошкиот преглед? 

Прегледот започнува и завршува со разговор, всушност со тој индивидуален пристап на докторот се олеснува потенцијалното непријатно чувство од самиот преглед. 

Со разговорот се доаѓа до сите информации околу можните тегоби, здравствени и гинеколошки и менструалниот циклус. Следи инспекција на надворешните гениталии и вагинална инспекција со спекулум, земање брис (ПАП тест) и ехо преглед без кој прегледот не би бил комплетен.  

Ако прегледот и брисот се уредни, пациентката се јавува на следната рутинска контрола.  

Тука би напоменал една новина околу земањето на брисеви. 

 Министерството за здравство оваа година донесе уредба каде со мала партиципација овозможува анализа на ПАП тестовите на секои три години, доколку е уреден предходниот наод.  

За пациентките кои би сакале да прават контролен тест секоја година, тој ќе се наплаќа по 600 денари од лабораториите кои ги анализираат тестовите. 

Ова се совпаѓа со доктринарните ставови во гинеколошката медицина, каде прегледи треба да се прават годишно, брисеви на три години иако праксата на повеќето доктори беше препорака за годишни ПАП тестови. 

 

Сподели на Facebook и Twitter