БРЕМЕНОСТ

Кај секоја млада, здрава жена со редовен циклус, изостанокот на менструација буди сомнеж дека станува збор за бременост.

 

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

Кај секоја млада, здрава жена со редовен циклус, изостанокот на менструација буди сомнеж дека станува збор за бременост. Во таков случај тие најчесто прават брз тест па дури тогаш одат на лекар.  

 Што се однесува до денешните тестови за бременост, мора да се каже дека тие се високо сензитивни т.е. точни, според производителите дури и до 99,5%. Според нашите статистики нивната точност е околу 85,5%, а најчесто не се точни кога тестирањето се врши скоро по изостанокот на менструацијата, но во мојата пракса имало случај кога и бременост од 3 месеци била негативна, па на нас докторите не ни се баш од некоја корист.  

 Наш совет е жената со претпоставка за бременост да се јави на преглед не порано од 10 дена од изстанувањето на менструацијата, бидејки треба да се утврди целосна бременост, присуство на срцебиење, близначка бременост, евентуална вонматерична бременост, а сето тоа е невозможно пред десетиот ден.  

 Нашите протоколи предвидуваат минимум прегледи при нормална бременост, а според нив жената треба да посети лекар најдоцна до 12 недели од изостанување на циклусот, но пожелно е првиот преглед поради утврдување на бременоста да е 2 недели по неговиот изостанок. На тој преглед жената ќе добие совети и препораки за понатамошниот тек на бременоста и нејзината заштита.  

 Од овој момент кај нормалните бремености е дозволено вообичаено однесување, физичка активност, сексуални односи по желба на партнерите…што значи бременоста е една нормална, природна фаза низ која поминува жената. Нашите совети , препораки и упатства треба да укажат на одредена претпазливост околу однесувањето, конзумацијата на храна, пијалоци сл.  

 Како илустрација, во првите три месеци треба да се избегнуваат масовни собири поради опасност од вирусни инфекции кои можат да му наштетат на плодот, пушењето како лоша навика треба да се елиминира. Ретко кога советуваме и промена на начинот на исхрана и внес на одредени додатоци во исхраната како витамини и минерали.  

 Што се однесува до анализите и прегледите во тек на бременоста, вашиот лекар ќе ви закаже контролен месечен преглед или 5-7 контроли во теот на бременоста. Не е прифатливо што некои лекари препорачуваат или некои пациентки практикуваат почести контроли. За нормална бременост апсолутно не се потребни почести месечни контроли.
За тоа што се’ опфаќаат месечните контроли ќе се осврнам во следниот допис.  

Сподели на Facebook и Twitter