БРЕМЕНОСТ, СИМПТОМИ И ПРВ ПРЕГЛЕД

Докторот е тој кој ќе ја постави вистинската дијагноза за состојбата и кој во тек на целата бременост ќе дава насоки и совети како таа правилно да се развива.

        Д-р Ванче Какашевски

         Специјалист по гинекологија и акушерство

 

 

По првите симптоми за можна бременост многу жени на преглед се јавуваат прерано, во период кога и со најсовремени апарати не може да се утврди бременоста. Најдобар период за сигурно утврдување на бременоста е околу седмата недела. Бременосната вреќичка со вагинална сонда може да се види и 5-7 дена по изостанување на менструацијата со што утврдуваме дека не станува збор за вонматерична бременост. 

Најдобар термин за прво јавување на преглед е 7 недели, но не повеќе од 12 недели по изостанок на менструацијата кога јасно ќе се види дали е витален плодот, дали е единечен или евентуално близначен, а се проверува и состојбата на репродуктивните органи на трудницата. За утврдување на бременоста постои и крвна анализа Beta HCG, која не е неопходна, а се применува само во нејасни случаеви, кај индуцирани бремености и по ин витро оплодување. Најрано се применува околу терминот на очекувана менструација кога вредноста треба да е 100 единици и се дуплира на дневно ниво, а кога ќе достигне 500 единици може да се утврди бременосната вреќичка со вагинална сонда. 

Кој се најчестите симптоми на бременоста, а се јавуваат веднаш по изостанокот на менструацијата: 

– поспаност, замор, малаксаност 

– набрекнати или болни дојки 

– специфични желби за храна 

– зголемена осетливост на јаки мириси 

– зголемен вагинален секрет, зачестено мокрење 

Постојат жени кај кои не постои ниту еден од овие симптоми, но има случаи кои имаат знаци на бременост, а не се бремени, тоа најчесто се случува кај психолабилни личности или кај жени кој очекуваат забременување подолго време. 

Секоја бременост е приказна за себе, индивидуална и субјективна состојба. Докторот е тој кој ќе ја постави вистинската дијагноза за состојбата и кој во тек на целата бременост ќе дава насоки и совети како таа правилно да се развива. 

Сподели на Facebook и Twitter