Д-р Ванче Какашевски
Специјалист по гинекологија и акушерство
Причината зошто карциномот на грлото на матката е најчеста тема е тоа што овој карцином е еден од причинителите за најголема смртност кога станува збор за карциноми, а од друга страна со превенција и рано откривање може успешно да се излекува. Од оваа причина повторно ќе се навратам на оваа тема, користејќи некои препораки и статистики од поново време.
Ова се некои од статистичките податоци:
- карциномот на грлото на матката е четврт најчест карцином кај жените
- во 2020 година на 600 000 жени во светот им бил дијагностициран овој карцином или 6,5% од сите карциноми кај жените
- претставува најчест тип на карцином кај жените со низок и среден приход, а тука секако спаѓаат и жените од југоисточна Европа и Македонија
- во 2020 година 340 000 жени починале од цервикален карцином, од кои 90% се од понеразвиените земји каде достапноста до превенција, скрининг и третмани се лимитирани
- жена кај која е дијагностициран овој карцином е со двапати поголема веројатност да почине во споредба со дијагностициран карцином на дојка
- според некои проекции, годишниот број на карцином на грлото на матката се очекува да биде во пораст, особено кај младите недоволно образовани жени од најсиромашните земји во светот
Каква е состојбата со карциномот на грлото на матката во Македонија преку бројки за 2021 година:
- Од 87200 женска популација над 15 години имало 231 сличаи, од кои 59 пациентки починале
Ризикот за развој на овој карцином е зголемен за 4-5 пати во последните 3 децении што се должи на промената на сексуалното однесување, последователната изложеност на ХПВ ( Хуман Папилома Вирус), поради недостаток на адекватен скрининг, а и ниската опфатност на вакцините , просечно околу 50%.
Во историјата на медицината е забележано дека во 1928 година е објавено дека цервикалните брисеви детектираат карцином невидлив со око.
Во 1988 година е докажано дека карциномот на грлото на матката е предизвикан од ХПВ . Во 2006 година ХПВ вакцината станува достапна.
Во изминатиов век цервикалниот карцином продолжува со претставува глобален јавно здравствен проблем во неразвиените земји.
Која е глобалната стратегија за елиминирање на цервикалниот карцином:
Во научните кругови важи правилото 90-70-90, а се однесува на:
- 90% од девојчињата до 15 години се опфатени со вакцинација со ХПВ вакцина
- 70% од жените до 35 и повторно до 45 годишна возраст да бидат скринирани со тест со високи перформанси
- 90% од пациентките со потврден цервикални абнормалности да бидат соодветно третирани
Препораките на СЗО околу превенцијата од цервикалниот карцином се:
- Воведување на ХПВ базиран скрининг, односно земјите да направат преместување на скрининг програмите од цитолошки скрининф (ПАП тест), кон ХПВ базиран тест -при кој се прави ХПВ типизација,( односно барање на ХПВ инфекцијата на грлото на матката). Ваквите тестирања се препорачуваат на 5 годишни интервали, а таму каде што нема услови , останува 3 годишен скрининг со ПАП тест, селективно повикување со покани од страна на матичните гинеколози, воведување на мобилни амбуланти и воведување на skrining.mk платформата за лично пријавување .
За жал во моментот резултатите не се задоволителни и моето мислење е дека и понатаму интензивно треба да се подига свеста и здравствената култура на популацијата за значењето на скринингот на цервикалниот карцином, со апели, советувања и постојани предавања во смисла на едукација.