На денешен ден 12 Август

1990 - Во Скопје беше осветен Соборниот храм на автокефалната Македонска православна црква “Свети Климент Охридски”.

1762 – Роден е Кристоф Вилхем Хуфеланд, германски лекар. Стана познат по делото „Макробиотика“, објавено во 1796 година, кое е преведено речиси на сите европски јазици и на кинески јазик. Според тоа дело е наречена науката за зачувување и за одржување на здравјето. Умре во Берлин, во 1836 година.

1848 – Во близина на градот Честерфилд умре Џорџ Стивенсон, англиски пронаоѓач, “татко на железницата”, кој во 1814 година ја конструира првата употреблива парна локомотива. Роден е во Вајлем, кај Нукасл, на 16 октомври 1781 година.

1859 – Во Тутсвил, во американската држава Пенсилванија, случајно е пронајдена нафтата.

1898 – Со потпишување на протокол заврши шпанско-американската војна. Со протоколот Шпанија беше принудена да ги напушти Куба и Порторико.

1900 – Во Велес е роден Ганчо Хаџипанзов, македонски револуционер и поет. Од неговото поетско творештво е позната само поемата „Ќе се вратам“. Се бореше во првите борбени редови пред Мадрид како борец на интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна (1936 – 1939). Загина при одбраната на Мадрид, на 19 ноември 1936 година.

1903 – Околу 15.000 турски војници и башибозук под водство на Бахтијар-паша почнаа офанзива против Крушево и Крушевската република. Штабот на крушевските востаници, по добиениот ултиматум од Бахтијар-паша, за да се предадат одговори: „Востанавме за да се бориме за извојување на слобода за Македонија, а не да се предаваме“. Но, кога градот се најде во безизлезна состојба, штабот нареди востаниците да се повлечат со цел да се зачува градот од разурнување. Во жестоката битка загинаа 32 востаника. Меѓу нив неколкумина се самоубија.  Крушевската република падна утредента, по борбите на преминот Слива и во месноста Мечкин Камен.

1905 – Во Велес е роден Бане Андреев – Ронката. Беше член на КПЈ, на АВНОЈ и на АСНОМ, а од 1949 година партиски и воен раководител. Во 1949 година беше обвинет за недоследност во оживотворувањето на политиката на КПЈ и беше исклучен од партијата, по што замина од политичката сцена. Во 1960 година повторно е примен во редовите на СКЈ. Умре во Белград, на 31 октомври 1980 година.

1938 – Германија објави мобилизација на населението во рамките на подготовките за војна.

1945 – Основано е македонско Лекарско здружение.

1955 – Во Цирих умре Томас Ман, германски писател. Негови назначајни дела се “Бунденброкови”, “Доктор Фауст”, “Волшебниот рид” и други. Во 1929 година ја доби Нобеловата награда за литература, а во 1949 година Гетеовата награда. Роден е во Лајпциг, на 6 јуни 1875 година.

1982 – Во Лос Анџелес умре Хенри Фонда, американски филмски артист, еден од великаните и легендите на Холивуд. Роден е во Гренд Ајленд, на 16 мај 1905 година.

1990 – Во Скопје беше осветен Соборниот храм на автокефалната Македонска православна црква “Свети Климент Охридски”.

1990 – Во Скопје беше основана Партијата за целосна еманципација на Ромите од Македонија. За претседател беше избран Фаик Абди.

1993 – Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија беше примен во редовното членство на Меѓународната организација на преведувачите (ФИТ) и стана 19-ти член на Регионалниот преведувачки центар за Европа.

2000 – Во несреќа на руската нуклеарна подморница „Курск“ на околу 120 наутички милји североисточно од Мурманск, која по две силни експлозии потона на дното на Баренцовото Море на последниот ден на големите поморски маневри на Северната флота на руската воена морнарица, загинаа сите 118 членови на екипажот.

 

Сподели на Facebook и Twitter