На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 15 јуни

1215 – Англискиот крал Џон ја потпиша Големата повелба на слободата (Магна карта либертатум) со која на големците им се гарантираа поголеми слободи.

1752 – Бенџамин Франклин, американски физичар и државник, го докажа односот меѓу молњата и електричното празнење со пуштање на детско летало за време на бура. На овој ден е пронајден громобранот.

1843 – Во Берген е роден Едвард Григ, норвешки композитор, пијанист и диригент. Во своите музички остварувања користеше елементи на националниот фолклор и со нив норвешката музика доби целосна афирмација во светот. Умре во Берген, на 4 септември 1907 година.

1882 – Во Кратово  е роден Павел Шатев, истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атентатори.Подоцна станал еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија – прв министер за правосудство.

1899 – Во Фуенте Вакерос е роден Федерико Гарсија Лорка, шпански писател од Гранада, народен драматург, сликар, музичар и еден од најголемите лиричари воопшто. Изврши значително влијание врз развојот на европската поезија. Познати се неговите збирки песни: “Песни”, “Цигански романсеро”, “Поет во Њујорк” и драмите “Крвави свадби” и “Домот на Бернарда”. По трагичната смрт (го стрелаа франкистите во првите денови на Граѓанската војна во Шпанија, во 1936 година), тој стана најчитан светски поет.

1919 – Во директен лет од Њу Фаундленд во Северна Америка до Ирска британските авијатичари Артур Браун и Џон Оклок први го прелетаа Атлантикот. Летот траеше 10 часа и 12 минути.

1920 – На Конгресот во Хаг е основана Светската конференција на трудот.

1927 – Во Римини, Италија, е роден Хуго Прат, еден од најголемите стрип-автори во втората половина на 20. век. Умре во Лозана, Швајцарија, во август 1995 година.

1967 – Жорж Помпиду е избран за претседател на Франција.

1986 – На патот Прилеп – Велес, во Дреновската Клисура, во близина на кавадаречкото село Фариш, во сообраќајна несреќа загина г.г. Ангелариј (Цветко Крстевски), поглавар на Македонската православна ацрква, архиепископ охридски и македонски. Роден е во село Долнени, Прилепско, на 25 март 1911 година.

1994 – Република Македонија и Република Боливија воспоставија дипломатски односи. Република Боливија е прва земја од Латинска Америка и Карибите со која Република Македонија воспостави дипломатски односи.

1994 – Израел и Ватикан воспоставија целосни дипломатски односи по историскиот договор за меѓусебно признавање и помирување, формално окончувајќи го вековното несогласување меѓу Евреите и Римокатолиците.

1996 – Во Беверли Хилс умре Ела Фицџералд, американска џез-легенда, позната како дама на песната. Родена е во 1918 година.

1999 – Северна Кореја соопшти дека јужнокорејската воена морнарица потопил еден нејзин брод во севернокорејските водени територии на Жолто Море, обвинувајќи го Сеул за предизвикување на првиот поморски судир по завршувањето на Корејската војна во 1953 година со што провоцира нова војна на поделениот полуостров.

2010 – Трагично настрада Беким Фехми, актер кој во Југославија во 60-те и 70-те години од минатиот век стекна голема популарност. Често играше и во европски продукции. Оствари околу 45 филмски и ТВ улоги. Ја објави книгата на спомени: „Блескаво и страшно“.

Сподели на Facebook и Twitter