На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 23 јуни

1501 – Португалскиот морепловец Педро Кабрал се врати во татковината од патувањето кога Бразил го прогласи за посед на Португалија.

1633 – Судот во Рим, составен од црковни лица, го осуди Галилео Галилеј на доживотна робија, а неговите дела ги забрани како опасни за христијанскиот свет. Тој работеше на откривањето на тајните од областа на астрономијата. Во 1608 година го конструира првиот телескоп со кој дојде до нови сознанија за движењето на Земјата и на другите планети.

1870 – Во селото Козица, е роден Јордан Силјанов Пиперката, еден од најхрабрите и најпопуларните револуционери и војводи од времето на Илинденската епопеја, учесник на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година и непосреден учесник во славното Илинденско востание. На 1 август 1903 година, во Церско Поле, Демирхисарско, падна во заседа на турската војска, и тука, откако е ранет, последниот куршум го испука во себе и не се предаде жив во рацете на непријателот.

1894 – Роден е англискиот крал Едвард Осми, кој на престолот застана во 1936 година, но од круната се откажа истата година под притисок на владата и парламентот, поради стапување во брак со Американката Волис Симпсон која зад себе веќе имаше два брака, во корист на помладиот брат Џорџ Шести. Потоа, до смртта во 1972 година живееше во странство, под титулата војводата од Виндзор.

1915 – Во Прилеп е роден Кузман Јосифовски – Питу, народен херој на Македонија. Бугарската полиција го уби во Скопје, на 25 февруари 1944 година.

1947 – Во САД е усвоен Тафт-Хартлиевиот закон, со кој е ограничено правото на работниците да организираат штрајкови, а синдикатот е принуден да ги исклучи прокомунистичките раководители. На шефот на државата му е дадено прво на 80 дена да ги суспендира сите штрајкувачки акции кои се оценети како опасни за националната безбедност.

1956 – Полковникот Гамал Абдал Насер е избран за претседател на Египет.

1980 – Управувајќи авион загина Санџај Ганди, син на шефот на индиската влада Индира Ганди, за кого се веруваше дека ќе ја наследи во врвот на индиската политичка сцена.

1985 – Во авионот „Боинг 747“ на компанијата „Ер Индија“, на линијата Торонто – Бомбај, над Атланскиот Океан експлодира бомба што ја подметнаа терористи Сики, усмртувајќи ги сите 329 патници и членови на екипажот.

1995 – Во Скопје, во издание на ПНИД „СТЕП“ излезе првиот број на неделниот весник „Фокус“.

1996 – Умре грчкиот државник и економски стручњак Андреас Папандреу, првиот социјалистички шеф на влада во Грција. Беше претседател на влада од 1981 до 1989 и од 1993 до јануари 1996 година, кога заради болест се повлече од функцијата.

1998 – Умре американската филмска актерка од ирско потекло Морин О`Саливен, најпозната по улогите партнерка на Џони Вајсмалер во серијата филмови за Тарзан.

1999 – Во Скопје, во издание на ДОО „Мост“ излезе првиот број на дневниот весник „Утрински весник“.

2001 – Во близина на гробиштата меѓу селата Брњарци и Арачиново, Скопско, од нападите на албанските терористи животот го загубија тројца припадници на МВР на Република Македонија.

2001 – Двата борбени авиона „сухој 25“ на македонската воена ескадрила, управувани од пилоти на АРМ, ги извршија првите извидувачки дејствија над македонското небо.

2005 – Пратениците во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур ја усвоија Релозуцијата за укинување на ограничувањето на правото на глас, со која земјите-членки на Советот на Европа треба да им овозможат на граѓаните кои живеат во странство да гласаат на националните избори.

Сподели на Facebook и Twitter