На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 29 јуни

1586.- Во Дерендинген, Германија, умре Примож Трубар, словенечки протестантски реформатор и писател, „татко на словенечката книга“. Во 1551 година издаде прва печатена книга на словенечки јазик. Роден е во Рашица, на 8 јуни 1508 година.

1798 – Во Реинати е роден Џакомо Леопарди, еден од најголемите италијански поети. Неговата поезија е израз на неговиот песимистички став кон човековото битисување. Во стих и во проза, тој создаде силен и помодерен јазичен израз. Главни негови дела се “Песни” и “Дијалози и есеи”. Умре во Неапол, на 14 јуни 1837 година.

1877 – Во селото Стричиќи, кај Бања Лука, е роден Петар Кочиќ, еден од најистакнатите писатели на српскиот реализам. Пишуваше песни, проза и сатира. Расказите му се одликуваат со силно чувство за животот на подјармениот босански селанец. Во сатирата остро ги критикува состојбите во босанското село под австриска окупација. Меѓу неговите дела најпознати се „Јазовец пред суд“, „Суданија“ и други. Умре во Белград, на 27 август 1916 година.

1858 – Роден е американскиот воен инженер Џорџ Вашингтон Геталс, кој ја доврши изградбата на Панамскиот канал, прв гувернер на зоната на Каналот.

1886 – Роден е францускиот државник и финансиски стручњак Робер Шуман, творец на „Шумановиот план“ во 1950 година, врз основа на кој во 1952 година Белгија, Холандија, Луксембург, Западна Германија, Италија и Франција ја основаа Европската заедница за јаглен и челик, претходничка на сегашната Европска унија. Беше министер за финансии во 1946, а претседател на владата од 1947 до 1948 година, потоа шеф на дипломатијата од 1948 до 1953 година и министер за правда од 1955 до 1956 година.

1917 – Кралството Грција ги раскина односите со Централните сили и застана на страната на Антантата. На таа одлука и претходеше истоварувањето на сојузничките трупи, што го забрза падот во прогерманската влада во Атина.

1939 – Извршен е првиот комерцијален лет преку Атлантикот. Авионот “Диск Клипер” долета од САД на аеродромот во Лисабон, Потугалија.

1941 – Умре полскиот државник, пијанист и композитор Игнац Јан Падеревски, професор на Конзерваториумот во Варшава, кој од 1919 до 1921 година беше преседател на влада и шеф на дипломатијата, а во 1940 година и претседател на Полска. Дела: операта „Манра“, „Полска фантазија“ за клавир и оркестар, една симфонија, клавирски дела, соло песни.

1943 – Американските единици во Втората светска војна се истоварија на Нова Гвинеја, остров во Пацификот, втор по големина во светот.

1945 – Кај Радовиш, во сообраќајна несреќа загина Чеде Филиповски-Даме, народен херој на Македонија. Роден е во селото Никифорово, Гостиварско, на 16 ноември 1923 година.

1967 – По победата во шестдневната војна со арапските држави, Израел го обедини поделениот Ерусалим, кој набрзо е прогласен за престолнина на Израел.

1980 – Вигдис Финбогадотир е избрана за претседател на Исланд, станувајќи прва жена во Европа демократски избрана за шеф на држава.

1990 – Од Ленинград во Скопје донесени се моштите на Димитрија Чуповски (македонски политичар, патриот, просветител, историчар, картограф, новинар…) и се положени во црквата “Свети Спас”.

1995 – Умре Лана Тарнер, прославена американска артистка, секс-симбол на Холивуд во четириесеттите години на 20. век. Родена е во 1919 година.

2000 – Република Македонија воспостави дипломатски односи со Република Гвинеја-Бисао и со Федералната Исламска Република Коморски Острови.

2000 – Умре италијанскиот актер Виторио Гасман, еден од најдобрите италијански филмски и театарски актери по Втората светска војна. Филмови: „Срам“, „Горчлив ориз“, „Ана“, „Ако дозволувате да зборуваме за жените“, „Бранкалеоновата војска“ „Мирисот на жените“, „Животот е роман“.

2003 – Умре американската филмска и театарска актерка Кетрин Херберн, добитник на четири Оскари. Филмови: „Погоди кој доаѓа на вечера“, „Зима на еден лав“, „Летниковец на Златното езеро“, „Африканска кралица“, „Лето“, „Марија Стјуарт“, „Долго патување во ноќта“.

 

Сподели на Facebook и Twitter