На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 02 јули

1566 – Умре францускиот астролог Нострадамус, најпознатиот пророк во историјата на човештвото, личен лекар на францускиот крал Шарл Деветти. Ја напиша книгата „Пророштво“ во која, најчесто на таинствен и нејасен начин, ја предвидува иднината.

1644 – Во битката кај Марстон Мур монархистите го доживеаја првиот голем пораз од страна на следбениците на парламентот во граѓанската војна во Англија.

1714 – Во Ербах, Баварија, е роден Кристоф Вилибалд Глук, германски композитор, диригент и оперски реформатор. Подолго време живееше во Париз, каде што неговите дела предизвикаа жестоки полемики. Ја реформира операта, проповедајќи враќање кон грчката уметност и на тој начин го покажа патот кон музичката драма. Негово најпознато дело е операта „Орфеј“. Умре во Виена, на 15 ноември 1787 година.

1778 – Во Ерменонвил умре Жан Жак Русо, француски писател и филозоф-просветител. Негови познати дела се „Расправа за науката и уметноста“, „Емил“, „Општествен договор“ и други. Роден е во Женева, на 28 август 1712 година.

1819 – Во Обединетото Кралство со закон е забранета работа на децата под девет години во текстилната индустрија, а работата на деца помлади од 16 години е ограничена на 12 часа дневно.

1853 – Со преминувањето на руската војска преку реката Прут и нападот врз Турците почна Кримската војна која заврши во 1856 година со пораз на Русија бидејќи на страната на Османлиското царство во војната се вклучија Велика Британија, Франција и Сардинија.

1860 – На брегот на Јапонското Море близу до корејската граница се удрени темелите на рускиот град Владивосток, големо пристаниште и крајна станица на Транссибирската железница, како и важна поморска и воздухопловна база.

1877 – Роден е Херман Хесе, германски писател. Познати му се романите „Игра со стаклени бисери“, „Демијан“, „Сидарта“ и „Степскиот волк“. Во 1946 година ја доби Нобеловата награда за литература. Умре на 9 август 1962 година.

1881 – Во Вашингтон е извршен атентат врз претседателот на САД, Џемс Гарфилд, кој од здобиените рани умре на 19 септември 1881 година.

1890 – Над Менцелскиот Залив на Боденско Езеро на југот на Германија за првпат полета цепелинот со кој управуваше германскиот гроф Фердинанд фон Цепелин. Леталото беше долго 128, а широко 11 метри, составено од 16 балони исполнети со водород и со оклоп од алуминиум.

1911 – Во Битола е роден Михаил Петрушевски, македонски академик, филолог, еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје, на кој беше вонреден и редовен професор, како и прв декан на истиот, а подоцна и ректор на скопскиот Универзитет. Има објавено над 200 научни трудови од областа на класичната филологија. За македонската култура од особено значење е неговата преведувачка дејност на „Илијада“ од Хомер, „Скендер Беј“ и „Сердарот“ од Григор Прличев и на други дела. Умре во Скопје, на 27 февруари 1990 година.

1948 – Со помош на западните сили, грчките владини трупи ја почнаа офанзивата против прокомунистичката Демократска армија на Грција (ДАГ), со што граѓанската војна влезе во завршна фаза.

1949 – Во Москва умре Георги Димитров, еден од најголемите водачи на бугарското и на меѓународното работничко движење. Роден е во селото Ковачица, кај Перник, на 18 јуни 1882 година.

1961 – Во државата Охајо, во САД, во својата куќа изврши самоубиство Ернест Хемингвеј, американски писател. За романот „Старецот и морето“ во 1954 година доби Нобелова награда за литература. Роден е во Ок Парк, во државата Илиноис, на 21 јули 1898 година.

1964 – Претседателот на САД Линдон Џонсон го потпиша „Актот за граѓански права“, со кој е забранета расната диксриминација.

1969 – Генералниот секретар на Обединетите нации У Тант ги повика сите земји да се откажат од развојот и складирањето на хемиското и биолошкото оружје.

1974 – Лидерите на Советскиот Сојуз и на САД, Леонид Брежњев и Ричард Никсон во Москва поститнаа договор за ограничување на подземните нуклеарни проби.

1974 – Во Скопје умре д-р Димитар Арсов, македонски академик, лекар-интернист, еден од основачите на Клиниката за внатрешни болести во Скопје. Тој даде особен стручен и научен придонес во областа на ревматологијата. Роден е во Крива Паланка, на 28 ноември 1908 година.

1989 – Умре рускиот политичар Андреј Андреевич Громико, кој беше 28 години советски министер за надворешни работи. Во Втората светска војна беше амбасадор во САД, а потоа во ОН, каде беше познат како „мистер њет“.

1989 – Во Скопје умре проф. Христо Стамболиев, еден од основачите на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и негов прв декан. Особено значење има во развојот на научната мисла во неорганската хемија, аналитичката хемија и технологијата на силикатите. Има објавено многубројни трудови презентирани во еминентни списанија во земјата и во странство. Роден е во Струмица, на 13 јануари 1920 година.

1994 – Во Скопје умре Љубен Ташковски, македонски поет. Негова прва објавена книга е „Катерина“ (позија, 1958 година). Други негови познати дела се „Илинден“, „Калинка“, „Од Скопје до Чикаго, од Њујорк до Сантјаго“ и други. Роден е во Струмица, на 4 јануари 1931 година.

1997 – При посетата на Република Турција на тричлената делегација на Армијата на Република Македонија, составена од полковниците Гоце Илиевски и Ѓорѓи Ѓуровски, како и мајорот Ванче Стојчев, во Истанбул, во Воениот музеј, мајорот Ванчо Стојчев го пронајде и го фотографира легендарното Црешово топче што македонските востаници го користеле во времето на Илинденското востание (1903 г.). На 25 јули е донесено во Република Македонија на привремено (три месеци) чување по повод 100-годишнината од Илинденското востание.

1997 – Умре американскиот филмски актер Џејмс Мејтланд Стјуарт. Филмови: „Мистер Смит во Сенатот“, „Филаделфиска приказна“ (Оскар), „Винчестер 73“, „Приказна  за Глен Милер“, „Најголемата претстава во светот“, „Човекот кој знаеше премногу“, „Анатомија на едно убиство“, „Човекот кој го уби Либерт Валенс“, „Парада на лудаци“.

2004 – Во Лос Анџелес умре Марлон Брандо, американски филмски актер, познат по толкувањето на изразито драмски ликови. Филмови: „Трамвајот наречен желба“, „Јулиј Цезар“, „Млади лавови“, „Едноокиот Џек“, „Буната на бродот Баунти“, „Грофицата од Хонг Конг“, „Последно танго во Париз“, „Кум“. Роден е во 1924 година.

2005 – Хуманитарни концерти под заедничко име „Лајв ејт“ (“Live 8”), во организација на ирскиот музичар Боб Гелдоф, се одржани во сите земји членки на Г8 – САД, Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Канада, Јапонија и Русија, со цел да им се помогне на најсиромашните земји.

Сподели на Facebook и Twitter