На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 10 јули

138 – Умре римскиот цар Публиј Еилиј Адријан, кој по доаѓањето на престолот во 117 година откако увиде дека Римското царство слабее и се одрекува од освојување, ги утврди границите во Германија и во Британија. Беше голем почитувач на грчката култура и покровител на уметноста, пишуваше стихови, вајаше и сликаше.

1509 – Роден е Жан Калвин, верски реформатор, основач на калвинистичката протестантска црква. Следбениците на Калвиновото учење беа хаугенотите, а во Англија пуританците. Умре во Женева, на 27 мај 1564 година.

1559 – Умре францускиот крал Анри Втори, татко на тројцата кралеви Франсоа Втори, Шарл Деветти и Анри Трети. Во текот на владеењето од 1547 година, како изразит римокатолик, со поддршка на сопругата Катерина де Медичи, го почна систематското прогонување на Хугенотите (француските калвинисти), со што во 1562 година ги предизвика верските војни кои цели 36 години ја потресуваа Франција.

1774 – По шестогодишната војна меѓу Русија и Османлиското царство склучен е Кучук-канарџискиот мир со кој на Русија и е признаено правото да ги штити христијаните и нивните установи во Турција, да има дипломатски претставници во турката влада, како и да отвори трговски конзулати во турските градови. Русија ја доби и тврдината Кинбурн на устието на Дњепар и Црно Море, Керч и Кеникал на Крим и слободна пловидба на трговските бродови во Дунав и Црно Море.

1830 – Роден е Камиј Писаро, француски сликар, еден од главните претставници на импресионизмот, кој изврши големо влијание врз европското сликарство. Најмногу сликаше предели и улици. Умре во Париз, на 13 ноември 1903 година.

1834 – Роден е Јан Неруда, чешки писател и публицист, најистакната личност во чешкиот културен живот во втората половина на 19 век. Најпознати негови дела се „Малострански раскази“, „Арабеска“, „Прости мотиви“, „Балада и романси“ и други. Умре во 1891 година.

1856 – Во селото Смиљан, Госпиќ, роден е Никола Тесла, генијален истражувач и пронаоѓач на полето на електриката и радиотехниката. Умре во Њујорк, на 7 јануари 1943 година.

1871 – Во Париз е роден Марсел Пруст, француски писател и академик. Автор е на големиот циклус романи. Умре во Париз, на 2 ноември 1922 година.

1940 – Со нападот на најмалку 70 германски бомбардери врз цели во јужен Велс, почна Битката за Британија во Втората светска војна.

1962 – САД го лансираа телекомуникацискиот сателит за пренос на телевизиските програми од САД во Европа.

1973 – Бахамските Острови стекнаа независност по тривековно британско колонијално владеење.

1991 – Борис Елцин ја презеде должноста претседател на Русија како прв шеф на државата кој стана претседател со победа на избори.

1998 – Во Скопје умре Атанас Близнакоф, основач на Фондот „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, прв од ваков вид на Универзитетот, од кој се стипендираат студенти кои покажуваат особени резултати во студиите. Роден е во село Д`мбени, Костурско, Егејска Македонија, на 15 декември 1901 година.

2001 – Во Скопје умре Иван Дејанов, македонски академик, основач на трансфузиологијата и имунологијата во Македонија. Роден е во Ќустендил, на 6 јануари 1931 година.

2006 – Загина чеченскиот терорист Шамил Басаев. Тој и низа други терористи убиени се од страна на руските сили за безбедност, во операција во Ингушија додека подготвуваа терористички акти во кавказката област.

2006 – Полскиот претседател Лех Качињски го именува својот брат – близнак Јарослав Качињски за претседател на владата. Ова е единствен случај во историјата на демократските општества.

Сподели на Facebook и Twitter