На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 13 јули

1762 – Умре Џемс Бредли, англиски астроном. По Халеевата смрт беше директор на Гриничката опсерваторија. Во 1728 година ја објасни појавата на аберацијата на светлоста и ја откри појавата на нутацијата. Роден е во 1693 година.

1793 – Во Париз е убиен Жан Пол Мара, познат француски револуционер, еден од водачите на француската буржоаска револуција. Убиството го изврши Шарлота Кордеј, приврзаничка на жирондистите и на монархистите. Роден е на 24 мај 1734 година.

1837 – Кралицата Викторија Прва, како прв британски монарх, се пресели во Бакингемската палата во Лондон.

1930 – Во главниот град на Уругвај почна Првото светско фудбалско првенство, на кое во конкуренција на 13 екипи победи репрезентацијата на земјата-домаќин.

1943 – Со победа на советската армија, во Втората светска војна по осум дена заврши клучната фаза од Курската битка, во која учествуваа приближно 6.000 тенкови од двете страни. Германците иако ангажираа 50 дивизии, од кои 14 оклопни и две моторизирани, претрпеа пораз, вклучувајќи ја и загубата од 2.900 тенкови. Во текот на борбите кои траеја до 23 август 1943 година, Германците, заедно со сите тенкови загуби и половина милион луѓе, а 30 нивни дивизии беа уништени.

1946 – При Земската болница во Скопје е формирана првата Станица за трансфузија на крв. Од мала станица со еден лекар и три медицински сестри прерасна во Републички завод за трансфузиологија.

1951 – На Голи Оток, во таканаречената “болница на работилиштето мермер”, умре Панко Брашнаров, македонски национален деец, народен учител, хуманист, воденичар, кафеџија, градинар и слуга, најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседател на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв доверител за информации во првата привремена влада на Македонија, најблизок соработник на Матодија Андонов – Ченто, еден од плејадата херои-маченици на Голи Оток. Роден е во Велес, на 9 август 1883 година.

1951 – Во Лос Анџелес умре Арнолд Шенберг, австриски композитор, еден од новаторите и творците на модерната музика. Роден е во Виена, на 13 септември 1874 година.

1955 – Рут Елис, осудена на смрт поради убиство на својот љубовник, стана последната жена која е обесена во Велика Британија.

1984 – Во Окленд, Калифорнија, умре Филип Вин, познат американски пејач на соулот, некогаш вокален солист на групата „Спинерс“. Роден е во Синсинати, во 1941 година.

1985 – На лондонскиот стадион „Вембли“ и на стадионот „Џон Кенеди“ во Филаделфија во истовреме беа одржани големите хуманитарни концерти под името „Лајв ејд“. Во акцијата за помош на гладните во Африка, која ја организираше Боб Гелдоф, најпознатиот рок и поп музичар во светот, собрани се 60 милиони долари, а ТВ-преносот од концертите го следеа околу милијарда и пол гледачи ширум светот.

1990 – Во Скопје е основана Социјалистичката партија на Македонија. За претседател е избран Киро Поповски.

1992 – Преземајќи ја должноста претседател на владата на Израел, Јицак Рабин најави дека ќе ги посети престолнините на арапските земји заради постигнување мир на Блискиот Исток.

2000 – Виетнам постигна трговски договор со САД со што ја почна нормализацијата на трговските односи меѓу двете земји, првпат по завршувањето на Виетнамската војна.

2006 – Отворен е нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан, долг 1.774 километри. За неговата изграба беа вложени четири милјарди долари. Преку нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан нафтата се транспортира од Каспиското Море до средоземното турско пристаниште Џејхан, заобиколувајќи ги Русија и Иран. Овој нафтовод, според зборовите на турскиот премиер Реџеп Таjип Ердоган претставува „патот на свилата во 21. век“.

 

Сподели на Facebook и Twitter