На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 10 јуни

1190 – Германскиот цар Фридрих Први Барбароса се удави во реката Салеф во Мала Азија во текот на Третата крстоносна војна. На престолот застана во 1152 година, по што водеше многу војни во Италија во обид да ги потчини ломбардските градови и го принуди папата на покорност. По поразот во 1176 година покајнички се смири со папата.

1610 – Првите холандски иселеници во Америка се населија на осровот Менхетн, сега централен дел на Њујорк.

1793 – Во Париз е отворена првата јавна зоолошка градина „Жарден де плант“.

1819 – Роден е Гистав Курбе, француски сликар. Беше учесник во Париската комуна, основач и главен претставник на реалистичката школа, еден од првите уметници кои работеа во природа. Суров и силен, ги отфрли романтичните пејзажи и идеализирањето на луѓето и доживувањата, вршејќи огромно влијание врз целокупното европско сликарство во 19 век. Умре на 31 декември 1877 година.

1832 – Роден е германскиот инженер Николаус Аугуст Ото, кој во 1861 годна го направи првиот мотор на бензин, а во 1876 година го измисли четиритактниот мотор со внатрешно согорување, познат како „Ото мотор“, со што го овозможи развојот на автомобилизмот.

1836 – Умре францускиот физичар и математичар Анре Мари Ампер, основач на електродинамиката. Во негова чест единицата за мерење на силата на струјата е наречена ампер или скратено А.

1915 – Роден е американскиот писател Сол Белоу, добитник на Нобеловата награда за литература во 1976 година. Дела: романите „Хендерсон, крал на дождовите“, „Човек на лулашка“, „Жртва“, „Не пропуштај ден“, „Херцог“, „Планетата на господинот Семлер“, „Декановиот декември“, драмата „Последна анализа“, патописот „До Ерусалим и назад“.

1922 – Родена е американската филмска актерка и пејачка Френсис Гам, позната како Џуди Гарланд, која се прослави уште како девојче со улогата во филмот „Волшебникот од Оз“ за која доби Оскар. Останати филмови: „Бебе во војска“, „Да основаме оркестар“, „Бебе на Бродвеј“, „Малата Нели Кели“, „Сретни ме во Сент Луис“, „Часовник“, „Зигфилдовите лудории“, „Пират“, „Ѕвездата е родена“.

1923 – Роден е британскиот медиумски магнат од чешко потекло Јан Лудвик Хој, познат како Јан Роберт Максвел.

1923 – Умре францускиот писател Пјер Лоти. Дела: „Во харем“, „Лотиевата женидба“, „Морнар“, „Исландски рибар“, „Госпоѓата хризантема“.

1934 – Умре англискиот композитор Фредерик Делијус, импресионист познат по симфониите „Париз – песна на големиот град“, „Бриг Фаир“. Компонирал опери и концерти.

1934 – „Роден е Пајо Паторот“, еден од најпопуларните ликови во стрипивите и анимираните филмови на американскиот цртач, филмски аниматор и продуцент Волт Дизни.

1940 – Фашистичка Италија влезе во Втората светска војна како сојузник на нацистичка Германија, објавувајќи им војна на Франција и Велика Британија.

1943 – Кај месноста Клинска Леса, Кавадаречко, во борба против бугарската војска загина Димката Ангелов – Габерот, македонски револуционер, учител и политички комесар на Третата оперативна зона на НОВ и ПО на Македонија. Тука загинаа и борците Пано Мудров, Ило Виларов и Крсте Камчев. Димката Ангелов е роден во селото Ваташа, Кавадаречко, на 17 октомври 1916 година.

1945 – На командантот на западните сојузнички сили во Втората светска војна американскиот генерал Двајт Ајзенхауер му беше врачено едно од најголемите советски одликувања – Орден на победата.

1946 – Умре американскиот боксер од африканско потекло Џек Џонсон, прв црнец кој ја освои титулата светски првак во тешка категорија.

1949 – Во Лилехамер, Норвешка, умре Сигрид Ундсет, норвешка писателка, истакнат антифашист. По окупацијата на Норвешка таа замина во САД и учествуваше во антигерманската пропаганда. Нејзини познати дела се романите „Марта Оули“, „Срцето на Јени“, „Пролет“, зборникот на раскази „Најсреќните години“, трилогијата „Кристин Лаврансдатер“ и други. Во 1928 година ја доби Нобеловата награда за литература за мајсторството со кое ја опишува средновековната историја на скандинавските земји. Родена е во Калунбор, Данска, на 20 мај 1882 година.

1967 – Израел го прифати барањето на Обединетите нации за прекин на огнот во војната со Египет, во која Израелците против кои се бореа и Сирија и Јордан, за само шест дена зазедоа територија четирипати попространа од Израел.

1971 – САД по 21 година го укинаа ембаргото на трговија со Кина.

1996 – Чеченските исламски сепаратисти и официјални претставници на Русија потпишаа документи со кои е предвидено ставање крај на 18-месечната војна во Чеченија.

2000 – Умре сирискиот претседател Хафез ел Асад, кој власта ја придоби со државен удар во ноември 1970 година. Беше еден од највлијателните државници на Бискиот Исток, а на местото претседател го замени неговиот син.

2004 – Умре американскиот музичар од афроамериканско потекло Реј Чарлс. Издаде 250 албуми и одржа 10.000 концерти. Меѓународната слава ја стекна во 1954 година со песната „Најдов жена“, а незаборавната песна „Џорџија во моите мисли“ во 1960 година го смести меѓу светските ѕвезди.

Исто така денес е Ден на социјалните работници на Македонија и Ден на Военото воздухопловство и противвоздушна одбрана на Армијата на Република Македонија

Сподели на Facebook и Twitter