На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 11 јуни

1509 – Англискиот крал Хенри Осми се ожени со првата од шесте жени, Катарина Арагонски.

1727 – Умре британскиот владател од германско потекло Џорџ Први, првиот монарх на Велика Британија од хановерската династија. На престолот го наследи неговиот син Џорџ Втори. Во текот на неговото владеење од 1714 година па се до смртта функцијата на премиерот се искристализира како клучна во извршната власт.

1859 – Умре австрискиот кнез Клеменс Метерних, кој како министер за надворшни работи и канцелар четири децении ја кроеше надворешната и внатрешната политика на Австрија, а во многу што и судбината на Европа. Шеф на дипломатијата беше од 1809 до 1821, а од 1821 до 1848 канцелар, кога беше тргнат во мартовската Виенска револуција и беше принуден да емигрира во Англија.

1864 – Роден е германскиот композитор и диригент Рихард Штраус, долгогодишен директор на Виенската опера. Компонираше опери, балети, соло-песни, камерна музика. Дела: сифониските поеми „Дон Хуан“, „Тил Ојленсшпигел“, „Симфонија Алпа“, „Животот на јунакот“, оперите „Салома“, „Електра“, „Каваљер со ружа“, „Египетска Хелена“, „Арабела“, „Данајнина љубов“.

1869 – Македонската црковноучилишна општина во Неврокоп упати писмо до великиот везир во Цариград, во кое бараше решавање на црковното прашање преку поставување владика од словенско потекло. Чувствувајќи опасност, Цариградската патријаршија го заоструваше курсот и на својата панелинска политика и ги активира своите органи на теренот против воведувањето црковнословенски во црквите и македонски јазик во училиштата. Започна гонење на се што е словенско од страна на грчките владици. Тогаш беа уништени голем број словенски ракописи и богослужбени книги.

1880 – Родена е американската пацифистка Џенет Ренкин, првата жена која стана член на Американскиот конгрес.

1891 – Велика Британија и Португалија потпишаа конвенција за поделба на интересните сфери северно и јужно од реката Замбези во Африка, со која Њаса (сегашен Малави) стана британски протекторат.

1902 – Во селото Ракитница, Крушевско, во борба против турската војска загина Веле Марков, македонски револуционер, социјалист, член на ТМОРО и војвода. Во борбата загинаа и неколкумина негови соборци. Веле Марков е роден во селото Селце, Крушевско, во 1870 година.

1910 – Во Сент Андре Кибзак, во близина на Бордо, Франција, е роден Жак Кусто, француски истражувач на морските длабочини и режисер на документарни филмови за животот во морето. Познати се филмовите „10.000 метри под морето“ и „Свет на тишината“, а има снимено и повеќе телевизиски документарни серии. Умре на 25 јуни 1997 година.

1955 – Во автомобилската трка „24 часа Ле Ман“ загинаа 80, а беа повредени повеќе од 100 гледачи по сударот на три автомобили кои влетаа во гледалиштето.

1970 – Умре рускиот државник Александар Фјодорович Керенски, член, а потоа и претседател на привремената влада после Февруарската револуција во 1917 година во Русија. По симнувањето од власт, во 1918 година емигрираше и од 1940 година до смртта живееше во САД.

1970 – Последниот американски војник ја напушти воздухопловната база „Вилус“ во Либија, на барање на полковникот Моамер ел Гадафи, кој на 1 септември 1969 година го собори режимот на кралот Идриз Први од династијата Сенуси.

1979 – Во Лос Анџелес умре Џон Вејн (вистинското име му е Морион Мајкл Морисон), американски филмски актер, режисер и продуцент. Играше главно во вестерн филмови, толкувајќи ликови на правични и осамени луѓе. Филмови: „Поштенска кочија“, „Рио Гранде“, „Црвената река“, „Вистинска храброст“ (Оскар), „Рио Браво“ и во други. Роден е во Винтерсет, на 25 мај 1907 година.

1988 – Умре италијанскиот државник Ѓузепе Сарагат, поранешен претседател на Италија, основач на италијанската Социјалдемократска партија.

2005 – Министрите за финансии на седумте најразвиени земји во светот и Русија, таканаречената група Г-8, во Лондон постигнаа историски договор за отпис на 40 милијарди долари долг на најсиромашните земји во светот.

2005 – Умре поранешниот португалски претседател на влада генералот Васко Гонсалвес, еден од водачите на португалската „Револуција на каранфилите“ во 1974 година, кога е трнгат од власт режимот кој своевремено го воспостави Антонио Салазар.

2008 – Сменетиот крал на Непал – Ѓанендра ја напушти својата палата во Катманда и започна живот како обичен граѓанин. Династијата која со таа земја владееше 240 години е тргната бидејќи со древната хималајска монархија завладеаја маоистите.

Сподели на Facebook и Twitter